Сопиште и Чешиново-Облешево ги подобруваат условите за живот со грант од ИПА програмата

Грант од 237 илјади евра ќе користат општините Сопиште и Чешиново - Облешево од ИПА програмата рурален развој. Договорите за користење на средствата ги потпишаа министерот за финансии Драган Тевдовски и градоначалниците на Сопиште и Чешиново-Облешево, Стефче Трпковски и Костадин Личков.

Средствата во општина Сопиште ќе се користат за изградба на градинка, а во општината Чешиново-Облешево во две населени места каде ќе се гради систем за водоснабдување и ќе се асфалтираат улици.

Министерот Тевдовски истакна дека изградбата на инфраструктура во руралните средини е еден од приоритетите на реформската Влада.

- Вложувањата во изградба на градинки, училишта, патишта и енергетика се вложувања во трајни добра од кои директна корист имаат граѓаните на Република Македонија. Тие придонесуваат за одржлив економски и социјален развој и воедно ги намалуваат разликите помеѓу урбаните и руралните заедници, истакна министерот.

Тој се заблагодари на ЕУ за финансиската поддршка за развој и реформи во земјава и посочи дека приоритет на Владата е членство во Унијата и оти еднакво важна заложба е да се обезбеди намалување на разликите во стандардот на живот помеѓу македонските граѓани и тие во ЕУ.

Потенцира дека ќе се заложи за поголема искористеност на средствата од фондовите што ЕУ ни ги дава на располагање.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој присуствуваше на потпишувањето на договорите, рече дека преку програмата се обезбедени околу 20 милиони евра од 2015 година и оти досега се користат средствата за повеќе проекти во повеќе општини.

- Скоро сите општини се корисници на овие средства. Дел веќе имаат потпишано договори, рече Жбогар и додаде дека реализацијата на овие проекти ќе имаат позитивно влијание за развој на социоекономските услови на општините.

Марко Мантованели, претставник на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, рече дека Светска банка се залага за намалување на сиромаштијата и оти руралните општини се под поголем притисок за да ги зголемат своите резултати.

- Во партнерство со ЕК имаме програма која има за цел да ги поддржи општините за развој на нивните капацитети за доставување услуги на ефикасен начин до граѓаните, рече Мантованели и додаде дека е важен процесот на децентрализација кој треба да продолжи.

Порача дека треба да се подобри енергетската ефикасност во општините и оти со тоа ќе заштедат средства кои ќе може да ги искористат за зголемување на капацитетот за нудење услуги и оти се размислува за формирање на посебен фонд.

Градоначалникот општина Чешиново Облешево, Костадин Личков, истакна дека проектот ќе придонесе кон развој на условите за живот во руралните подрачја и оти тоа ќе овозможи луѓето да не заминуваат од овие општини.

Градоначалникот на општина Сопиште, Стефче Трпковски, посочи дека оваа локална самоуправа веќе има користено средства од овој фонд за реализација на три проекти.