Експертскиот тим на Прибе од 17 до 21 јули повторно во Македонија

Експертски тим предводен од Рајнхард Прибе од 17 до 21 јули повторно ќе престојува во Република Македонија како продолжение на средбите што ги имаше деновиве во Скопје, соопшти денеска Канцеларијата на Европската унија во Скопје. 

- Во согласност со последните најави на еврокомесарот Хан дека тој ќе испрати експерти за владеење на правото повторно во Скопје да направат проверка на препораките од 2015 година и да ја советуваат новата Влада за веќе посочените прашања од областа на владеењето на правото, првата мисија на овој тим, чиј лидер е Рајнхард Прибе, беше на 27 јуни, се наведува во соопштението.

Прибе се сретна со претставници на власта, опозицијата и правосудството. 

- По ова ќе следува работна посета на целиот тим финансиран од TAIEX од 17 до 21 јули, соопшти ЕУ.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи попладнево изјави дека Прибе ќе им ја соопшти својата идеја на владините претставници откако неговиот експертски тим во текот на јули ќе направи анализа за она што досега е реализирано.  

- Ние се договоривме пред крајот на мисијата да можеме да се состанеме со него, за лично од него да слушнеме што е неговата идеја, рече вицепремиерот. 

Според Османи, експертот ангажиран од ЕУ станал синоним за реформите во државата и одлична е идејата тој да помогне бидејќи има одреден континуитет и доаѓа со истите експерти. Тимот на Прибе, треба да направи пресек и анализа бидејќи, како што кажа Османи, сега има нов политички контекст и прашања што се веќе посочени. 

- Тоа ќе обезбеди дополнителен континуитет, изјави вицепремиерот за европски прашања, кој изутринава заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров имаше работен појадок со експертот на ЕУ Прибе.

На оваа средба, како што соопшти македонското Министерство за надворешни работи, Прибе ја реафирмирал подготвеноста експертскиот тим да и помогне на Македонија за надминување на посочените недостатоци во неколку важни области кои се однесуваат на владеењето на правото, слободата на медиумите и независноста на регулаторните тела. Тој ја нагласил неопходноста од засилен ангажман и мобилизација на релевантните институции во земјата за спроведување на препораките од Извештајот и Итните реформски приоритети. 

Вицепремиерот за европски прашања Османи попладнево имаше средба со директорот за Западен Балкан во рамките на Директоратот за соседство и преговори за проширување на ЕК Џеновева Руиз Калавера. 

Вчера, пак, во Скопје престојуваше и еврокомесарот Јоханес Хан.