Д-р Кочо Анѓушев: Домаќинското работење на ЕЛЕМ и МЕПСО ја вратија евтината тарифа на струјата

Како што знаете, владата на една од своите седници донесе одлука да им препорача на сите чинители на пазарот за електирична енергија, вклучувајки ја и Регулаторната комисија за енергетика, да се направи анализа за воведување на евтината тарифа. Ние бевме убедени дека таква можност постои, и еве денеска соопштуваме дека тоа е потврдено и реалзирано.

Сакам да кажам дека домаќинското работење на ЕЛЕМ и МЕПСО, и нивните заштеди, ќе бидат пренесени како придобивка за сите граѓани на Република Македонија, а посебно на оние кои во најголема мерка ја користат евтината тарифа, односно посиромашните граѓани.

Ние сме радосни што денеска соопштуваме дека оваа мерка ќе биде имплементирана оваа зима. Сите чинители релевантни за донесување на оваа мерка беа консултирани, вклучувајки ја и ЕВН која имаше позитивен пристап кон овој процес. Консултирана беше и Еверопската енергетската заедница, со која што имавме неколку состаноци, и можам да кажам дека постигнавме заедничко разбирање за донесување на оваа мерка која решава еден горлив проблем за граѓаните на Република Македонија.

Да истакнам уште еднаш дека намалувањето на непродуктивните трошења кај енерегетските компании во Република Македонија, пред сѐ во ЕЛЕМ и МЕПСО, како и намалувањето на цените на ископите, намалувањето на цените на репро материјалите во енергетскиот сектор, заштедите и домаќинското работење, ќе биде преточено во секое семејство како придобивка од евтината тарифа на струјата која ќе биде воведена со два часа во текот на денот, со повеќе часа во текот на ноќта и со 24 часа евтина тарифа на струјата во недела.