Премиерот Заев: Меѓусебната соработка како вредност, на сите во регионот ќе им обезбеди стабилна и економски просперитетна иднина
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска прими делегација на Демократската странка (ДС) од Србија, предводена од претседателот на партијата Драган Шутановац.
Гостите од Србија изразија задоволство од можноста да се сретнат со премиерот Заев, како и од приликата непосредно да посакаат честитки за изборот за Претседател на Владата на Република Македонија и да посакаат успешна работа за новиот состав на владата.
Премиерот Заев го изрази задоволството од оваа средба, која претставува уште една можност на јавноста на пријателската соседна земја, да ѝ биде пренесена порака за блиските врски со Србија, за кои и понатаму се отворени уште многу точки од заеднички интерес за унапредување на меѓусебните односи.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, изрази задоволство од брзото надминување на ситуацијата создадена со повлекувањето на дипломатскиот персонал во амбасадата на Република Србија во Скопје и дека е договорено двете земји, сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи да ги решаваат исклучиво по пат на дијалог.
Претседателот на Демократската странка во Србија Драган Шутановац, истакна дека на членовите на ДС ќе им бидат пренесени најдобрите искуства од нивните колеги во Македонија.
Премиерот Заев во оваа прилика порача дека политичките партнери треба секогаш да го имаат предвид интересот на народот во нивната земја, да ги негуваат и афирмираат демократските вредностите што ги застапуваат, како и да ја имаат меѓусебната соработка како определба што на сите во регионот ќе им обезбеди стабилна и економски просперитетна иднина.