Премиерот Заев: Владата ќе продолжи со поддршката на програмите за контрола и превенција од ХИВ

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска прими делегација од граѓанскиот сектор, застапувана од претставниците на организациите: „ХОПС“, „Х.Е.Р.А“, „Платформа за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ“, и „Заедно посилни“, кои во соработка со Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика, ги спроведуваат програмите за контрола и превенција од ХИВ во Република Македонија.

 

На средбата, премиерот Заев беше информиран за активностите од оваа програма, кои резултираа со фактот дека Република Македонија е земја со најниска стапка на ХИВ носители во регионот.

 

Граѓанските организации кои ги спроведуваат овие програми го запознаа премиерот Заев и со обврската што Република Македонија треба да ја преземе околу финансирањето на овие акции со оглед на фактот што, според стандардите на Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, нашата земја спаѓа во средно развиените земји, кои за финансирањето на поддршката за акциите на граѓанските организации треба да најде решение во рамките на програмите на надлежните министерства.

 

Премиерот Заев изрази целосна поддршка за работата на граѓанските организации вклучени во оваа програма, и изрази уверување дека Министерството за здравство и Министерството за труд исоцијална политика ќе ја преземат обврската за нивна поддршка.

 

Претседателот на Владата на РМ Зоран Зaев, истакна дека ќе се заложи овие програми да бидат охрабрени и на локално ниво и да се создаде регистар на организации од граѓанскиот сектор што ги спроведуваат овие акции до кои треба да стигнат финансиските средства со редовна динамика.