Средба на премиерот Заев со норвешката премиерка Солберг: Поздравени се реформските чекори на Владата, изразена е поддршка за интеграциите и обезбедување правна држава

Вчера, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се сретна со Ерна Солберг, премиерка на Кралството Норвешка.
На средбата се поздравени реформските чекори на новата Влада.


“Норвешка ја поддржува Македонија во интеграциите“ соопшти на премиерот Заев, премиерката Солберг, која во демократските чекори на Владата и регионалната соработка гледа перспективи за Република Македонија.


Премиерката на Норвешка, Солберг, посебно се интересираше за реформите што се прават за обезбедувањето правна држава.


-Владата на Република Македонија, во соработка со експертската и граѓанската јавност почна реформи во правосудниот систем што треба да придонесат кон независно судство. Тоа е обврска за евро-атланстките интеграции, но ќе придонесе многу и во нашата држава, во враќање на довербата кај граѓаните дека правдата е можна и е достапна на сите, и ние сме подготвени тоа да го овозможиме, рече премиерот Заев.


Претседателот на Владата, Заев, соопшти дека реформите во правосудството се една од активностите од Планот на Владата за усогласување со европските стандарди и обезбедување квалитетен живот за граѓаните. Тој рече дека Македонија од земја во изолација стана земја предводник на иницијативите за добрососедска, регионална и меѓународна соработка и очекувањата се дека таквите политики ќе ги отворат вратите на Република Македонија кон стратешките цели, НАТО и ЕУ.


Норвешката премиерка, Солберг, ги оцени како важни заложбите на Македонија за продлабочување на односите меѓу земјите во регионот.
“Норвешка е заинтересирана за случувањата на Балканот и е подготвена да придонесе кон стабилен регион“, рече премиерката Солберг, која во раководствата на Балканот гледа можност да осигураат таква иднина.


На средбата на премиерот Заев со премиерката Слоберг се разговараше и за создадените услови за интензивирање на соработката со Кралството Норвешка во области од интерес на граѓаните на државите.