Премиерот Заев оствари средба со „Кумановски Акцијаши“ побарана преку контакт формата на веб страницата на Владата на РМ

 

Премиерот Зоран Заев денес во својот кабинет во работна посета го прими Здружението за доброволна волонтерска работа „Кумановски Акцијаши“.

 

Здружението, кое средбата ја закажа преку контакт формата на веб страницата на Владата, од премиерот Заев побара поддршка за реализирање на нивната голема регионална активност, во рамките на меѓународна волонтерска еколошка акција, која ќе ја организираат во соработка со слични здруженија од 6 држави од поранешна Југославија вклучувајќи, ги и Косово и Албанија.

 

Планираната акција треба да се случи кон средината на идната година и има за цел ревитализација и реставрација на локалитетот Костурница.

 

Тие, исто така, истакнаа дека оваа нивна голема активност е во насока на промовирање на меѓуетничка толеранција и соживот меѓу балканските народи.

 

Премиерот, прифаќајќи го нивното барање, изрази поддршка за нивната работа и залагања, и ги повтори заложбите на Владата на РМ да посвети повеќе време и ресурси во поддршката на еколошките здруженија и нивните активности, и ги замоли претставниците од здружението да ја споделат оваа порака со своите соработници.

 

- Ваквите здруженија најдобро можат да испорачаат реални резултати преку својата работа во насока на заштитата на животната средина и природата – истакна премиерот во текот на средбата.

Здружението „Кумановски акцијаши“ брои 174 членови и е добитник на наградата „3 Ноември“, што ја доделува Општина Куманово за промовирање на волонтерската работа.