Премиерот Заев за Меѓународниот ден на Бошњаците: Ви благодарам што придонесувате за соживотот и развојот на Македонија, да продолжиме заедно да ја градиме Македонија во напредна држава и дом за сите
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во име на Владата го честита Меѓународниот ден на Бошњаците.
„Упатувам искрени честитки до граѓаните во нашата држава за Меѓународниот ден на Бошњаците.
Бошњачката заедница во Република Македонија дава активен придонес во демократските и општествените процеси, а со тоа и во напредокот и во развојот на Република Македонија. Низ пријателството и толеранцијата, грижата и разбирањето, трудољубивоста и соживотот кон што сте определени, вие почитувани граѓани, имате значајна улога во изградбата на Република Македонија во едно општество за сите и дом за сите граѓани.
Бошњачката традиција е значаен дел и од културно наследство во Република Македонија и тоа богатството на различности е голема придобивка со којашто Македонија се гордее пред светот, а треба да сме горди и сите ние.
Покажавме дека заедно можеме да ги менуваме работите на подобро. Се обединивме заедно во Македонија. Следниот наш чекор е да ја обединиме Македонија во евро-атлатското семејство, таму каде што припаѓаме како граѓани, независно на која етничка заедница припаѓаме. Ве повикувам да продолжиме да работиме заедно, да си помагаме и да сe почитуваме.
Ви благодарам што придонесувате во заложбите за квалитетен живот на сите граѓани во Македонија и за просперитетот на Република Македонија“.