Средба на министерот задолжен за странски инвестиции, проф. д-р Аднан Ќахил со амбасадорот на Италија, Н.Е. Карло Ромео

 

Министерот задолжен за странски инвестиции во Владата на Република Македонија, Проф. Д-р Аднан Ќахил, во просториите на Кабинетот, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Н.Е. Карло Ромео.
 

Амбасадорот на Република Италија, му честита на Министерот Ќахил за превземената функција во доменот на привлекување на странски инвестиции. Тој истакна дека во Република Македонија има голем обем на компании со италијански капитал и верува во потенцијалот на формирање нови инвестиции.


Проф. Д-р Аднан Ќахил изјави дека само со здрава економија може да се оформи едно здраво општество и ги претстави новите мерки од планот за економски раст, со што додаде дека тие наскоро ќе бидат финализирани.


„Новата Влада ги изедначува домашните и странските инвеститори. Среќен сум што за разлика од минатото, сега, државната помош нема никој да ја диктира. Капиталот и намерата на компаниите заинтересирани за инвестирање во државата ќе бидат клучните фактори во пресметувањето на субвенциите што ќе им бидат доделени“. – рече Министерот Ќахил.


Министерот Аднан Ќахил изјави дека како Министер задолжен за странски инвестиции во Владата на Република Македонија, тој и неговиот кабинет ќе бидат сервис за подршка на компаниите, отворени за соработка со бизнис заедницата и подготвени за презентирање на можностите што ги нуди државата.