Премиерот Заев на отворањето на „Недела на италијанскиот јазик и култура“: Културните врски со Италија се пример како треба да соработуваат земјите на Балканот

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, вечерва имаше свое обраќање на свеченоста по повод отворањето на манифестацијата „Недела на италијанскиот јазик и култура“, која оваа година се одржува по 17 пат.

Во своето обраќање премиерот Заев истакна:

Ми претставува особено задоволство што ми припадна чест да се обратам на отворањето на ова, 17-то издание на манифестацијата „Недела на италијанскиот јазик и култура во светот“. Настан кој со својата програма претставува уште еден мост на соработка меѓу двете исклучително пријателски земји, Република Италија и Република Македонија.

Италија е една од неколкуте земји во светот, што на човештвото му подарија многу од најзначајните културни артефакти и вредности. Низ историјата на нашата цивилизација нема ниту една генерација која не била инспирирана од бесценетата и исклучително богата културна ризница на Италија.

Се разбира, времето за ова мое обраќање е прекусо за да ги спомнам сите уметници и сите уметнички и културни движења што произлегоа од безвремената културна ризница на Италија, и затоа само ќе кажам дека нам, сите овие дела ни се дадени за да се восхитуваме, да се инспирираме, да учиме и да уживаме во нивните врвни естетски вредности.

Почитувани пријатели на италијанската културна традиција,

Република Македонија и Република Италија редовно потпишуваат програми за соработка во областа на културата, образованието и науката.

 

 

Континуираната билатерална соработка е потврда дека Република Македонија и Република Италија, како наш голем пријател и поддржувач, негуваат одлични односи и исклучителна соработка во областа на културата, науката и образованието.

Културните настани во рамките на оваа соработка, покрај економската и политичката соработка, несомнено ги продлабочиле и ги унапредиле врските меѓу двете земји и станале инспиративен пример за успешна и плодна меѓународна соработка.

Италија, тргнувајки од сопственото искуство за значењето на културата за една земја, во исто време е и една од земјите кои многу силно го поддржува и претставувањето на културите на другите на нивната културна сцена.

Тргнувајки од таа премиса, како и од блиските културни врски со Италија, Република Македонија секоја година, во рамките на чествувањето на Свети Кирил во Рим, има свои денови за презентација на македонската култура и традиција, a во изминативе години имавме впечатливи претставувања и на Биеналето на уметноста и на архитектурата во Венеција, воспоставивме креативна соработка во сферата на филмот.

Почитувани љубители на италијанската култура и филм,

Информиран сум дека оваа година во рамките на Неделата на италијанскиот јазик и култура, посебно место ќе има соодносот помеѓу италијанскиот јазик и светот на филмот.

Вечерва ќе имате можност да го проследите филмот „Трст, Југославија”, документарен филм за улогата на градот Трст, односно на Италија, како „порта” кон Западот за поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Филмот говори за едно време кога Трст не беше само место за пазарење, туку исто така и место за размена на култури и искуства.

Дозволете да истакнам дека градот Трст, и денеска за нас и за другите земји од регионот има посебно значење. Ова лето Италија и градот Трст, беа домаќини на Самитот на земјите на Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.

За мене беше тоа беше Самит на обединување, на подавање рака за надминување на недоразбирањата, и вртење нов лист во современата историја на Западен Балкан.

Од Самитот во Трст наваму испишуваме нова историја за земјите од регионот.

Соработката со земји како што е Италија, која ќе ја надградиме со опција повеќе за изучување на италијанскиот јазик во образованието, е пример како треба да соработуваат и земјите на Балканот за креирање на една, заедничка, убава иднина за сите наши граѓани.

Во мое име и во име на Владата на Република Македонија, ви посакувам успешна реализација на манифестацијата „Недела на италијанскиот јазик и култура“.