Премиерот Заев и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Звиздиќ: Отвораме можности за интензивна економска соработка, уште еден исчекор во пријателските односи и регионалната соработка

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев веднаш по средбата со претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ на заедничка прес-конференција за медиумите истакна дека Македонија и Босна и Херцеговина се пријателски земји кои соработуваат меѓу себе, без отворени политички прашања.

„Целиот Западен Бaлкан, сите 6 земји аспиранти за полноправно членство во ЕУ, градиме заедничка стратегија, меѓусебно се поддржуваме и си помагаме, градиме заеднички настап, со што ќе си помогнеме за побрз влез во ЕУ, но и продлабочување на соработката меѓу двете земји, и на целиот регион“ - рече премиерот Заев.

На прес-конференцијата, премиерот Заев рече дека во изминатиот период со неговиот босански колега изградиле пријателство кое дополнително ќе ја продлабочи соработката меѓу двете земји.

Досега, како што истакна премиерот Заев, Македонија и БиХ потпишале договори за соработка во областа на земјоделството и за користење на возачките дозволи. Допрва, потенцираше Заев, ќе се потпише и имплементира договорот за патување помеѓу двете земји само со лична карта, а се разгледува и можноста за воспоставување на авионската линија, Скопје – Сараево, со конекција и на Подгорица.

Премиерот Заев го поздрави фактот што на „Самитот 100“, кој вчера и денеска се оддржува во Скопје учествува и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ. Заедничкото учество, потенцираше Заев, ќе ја охрабри деловната зедница од целиот Балкан и ќе и покаже дека сите земји се важни за развој на овој регион.

На заедничката прес-конференција, Премиерот Заев ги повика деловната заедница, граѓаните на Македонија и на БиХ, туристичките и работниците од областа на културата, образованието да градат поинтензивна и покооперативна соработка меѓу двете земји. Само така, ќе си помогнеме меѓу себе, но и ќе го придвижиме напред целиот регион на Западен Балкан, потенцираше премиерот Заев.

 

 

Заблагодарувајќи се на поканата, од свое лично име и од името на советот на министри на Босна и Херцеговина, претседавачот на Советот на министри, господинот Звиздиќ, рече дека му е чест и задоволство повторно да се сретне со премиерот на Македонија господинот Зоран Заев, што како што рече тој, го потврдува високото ниво на соработка помеѓу Република Македонија и Република Босна и Херцеговина.

Господинот Звиздиќ, во своето обраќање исто така рече дека резултатот од локалните избори после одржаните парламентарни избори го потврдуваат креирањето нова визија за стабилен економски развој и евро-атлантските интеграции, визија која има за цел, како што рече тој, отворање нови работни места и задржување на младите во својата држава.

„Оваа визија наиде на плодно тло и покажува што навистина граѓаните од регионот на Западен Балкан сакаат. Тоа е мир стабилност, економски развој, поврзување и интеграција која од секоја држава во нашиот регион ќе направи и просперитетно општество и просперитетен регион“ – изјави господинот Звиздиќ.

Според него, во периодот што следи, двете држави треба да се фокусираат на подобрување на квалитетот на поврзувањето помеѓу двете држави, но и помеѓу целиот Западен Балкан.

Господинот Звиздиќ, во своето обраќање уште рече и дека моменталната транспортна мрежа не оди во прилог на развојот на земјите од регионот, и поради тоа, како што рече тој „ќе мораме ние сите заедно да настапуваме кон заинтересираните инвеститори и кон фондовите на Европската Унија“, што, како што појасни тој, би значело зајакнување на трговската комуникација и врските помеѓу граѓаните на двете држави.

Во интерес на реализација на ваквите чекори, во периодот што следи тој најави и потпишување на договори за јакнење на туризмот, економската соработка, за можноста за патување со лична карта, за подобра комуникација помеѓу главните градови на двете држави, се со цел да се овозможи поголем обем на трговска размена на стопанствениците од двете земји.

- Нашата конечна цел е потполна визна либерализација на подрачјето на Западен Балкан, и секако најголем приоритет е она што најмногу го обединува Западен Балкан, а тоа се евроинтеграциите – потенцираше господинот Звиздиќ во своето обраќање.

Тој рече дека само заеднички настап на земјите од Западен Балкан пред светските пазари е нешто кое што може да го врати регионот во фокусот на големите инвеститори, кои како што рече тој би можеле да бидат интегратори на производството на земјите од регионот.

Имено, како што напомена тој, во таа насока ќе продолжи соработката на Република Македонија и Република Босна и Херцеговина, со што ќе се одржи амбиентот на стабилен Балкан.

Пораките кои ги испраќа во последно време господинот Заев, и процесите кои ги води, како што истакна во својот говор господинот Звиздиќ, се добра матица и порака за Европската Унија, а како што рече, честото дружење помеѓу двајцата државници е порака кон Европската Унија дека Западен Балкан не е дел од проблемот, туку дека е дел од решението, затоа што овие две држави во секоја смисла припаѓаат на Европската Унија.

Господинот Звиздиќ најави скора посета на Советот на министри на Босна и Херцеговина на Владата на Република Македонија, прилика во која би се потпишале новите договори за соработка, што ќе го трасира правецот на заедничкото делување.