Владата ја одржа својата 34-та седница: 12 здравствени установи добиваат 40 инкубатори за интензивна нега; Се реконструираат 422 километри регионални патишта

Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата 34 седница со повеќе точки на дневниот ред од интерес на граѓаните.
 
На денешната седница влaдата ја усвои одлуката за давање на трајно користење на 8 инкубатори за интензивна нега на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство - Скопје, како и одлука за давање на трајно користење на уште 6 инкубатори на  Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за детски болести од Скопје.
 
На предлог на Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија , владата денеска донесе одлука за давање на трајно користење на уште 16 инкубатори на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, како и 10 инкубатори на клиничките и општите болници во Штип, Тетово, Струга, Прилеп, Охрид, Куманово, Битола, Гостивар и Струмица, како и на Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир, во Скопје.
 
Владата денеска ја прифати информацијата за заедничките седници со владите на Република Бугарија и на Република Албанија. Заедничката седница со Владата на Република Бугарија ќе се одржи на 23 ноември, а со Владата на Република Албанија на 2 декември.
 
Министерството за информатичко општество предложи, а владата ја усвои информацијата за листа на акти и материјали коишто министерствата, согласно закон, се обврзани да ги објават на своите веб страни, како дел од заложбите на владата за транспарентно и отчетно работење. Листата содржи документи и извештаи како што се стратешки планови на министерствата и другите органи на државната управа, буџетите и усвоените извештаи за реализација на Буџетот, ревизорски извештаи, плановите за јавни набавки, со сите измени и дополнувања, правилник за внатрешна организација и други, вкупно 21 документ за извештаи, правилници и други акти од јавен интерес за граѓаните на Република Македонија.
 
На денешната седница, владата го прифати предлогот на Министерството за транспорт и врски за пренамена на средства од Проектот за национални патишта, во висина од 86 милиони евра за реконструкција на 26 регионални патни правци во вкупна должина од 422 километри.
 
Владата на Република Македонија на оваа, 34 седница, донесе одлука за формирање работна група за изготвување и следење на имплементацијата на Планот за реализација на препораките на група високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, од 2015 година. За претседател на оваа работна група е именуван Силјан Аврамовски, како претставник од Министерство за  внатрешни работи, а групата е составена од 29 членови, вклучувајки претставици на министерства, на Собранието на РМ, на правосудството, на Народниот правобранител, како и на членови од академско-научната дејност. 
 
Агенцијата за филм на Република Македонија денеска пред министрите во Владата на РМ ја презентираше информацијата во врска со проект - играна серија „Македонија“. Според Агенцијата за филм на Република Македонија извршената контрола во врска со доделувањето на средства за овој проект и во врска со реализацијата на проектот, констатирала сериозни пропусти. 
 
Вонредниот инспекциски надзор во Друштвото за филмска и видео продукција „Јадран филм“ утврдил дека обврската за завршување на првата сезона од проектот – играна серија „Македонија“ воопшто не е реализирана согласно терминот утвреден во договорот, односно до 4 септември 2017 година, иако на сметката на продукцијата биле префрлени 68 милиони денари од буџетот на Република Македонија, како прва рата од вкупно договорните 283 милиони денари, односно 4,6 милиони евра.
 
Владата ја разгледа и ја усвои информацијата во врска со Проект - играна серија „Македонија“ и ја задолжи Агенцијата за филм на Република Македонија во рок од 7 дена до Владата да достави информација во врска со преземените активности за проектот, согласно Законот за филмска дејност. Според овој закон, доколку со Извештајот од извршената контрола се утврди дека доделените средства на конкурсот се користат спротивно на договорот, односно дека корисникот на средствата не се придржува на роковите и обврските утврдени во договорот, или дека филмскиот продуцент ги пренел правата од филмот и средствата добиени од Агенцијата на трети лица, директорот на Агенцијата ќе ја активира банкарската гаранција, ќе го раскине договорот и ќе донесе Решение со кое се прекинува натамошното финансирање на Проектот и со кое бара враќање на доделените средства од Агенцијата со законска затезна камата. 
 
На денешната седница Владата да го усвои предлогот на Министерството за надворешни работи за затворање на почесениот конзулат на Република Македонија во Кралството Шпанија, како и предлогот за отповикување на почесниот конзул на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона, со образложение дека против него е поведена кривична постапка што преставува пречка за понатамошно  извршување на  функцијата.
 
Заради завршување на мандатите на шефовите на конзулатите во Солун, Република Грција, и во Истанбул, Република Турција, владата денеска донесе одлука за бидат отповикани и 
Зеррин Абаз, Генерален конзул и шеф на Генералниот конзулат на Република Македонија во Република Турција, со седиште во Истанбул, и Маја Апостолова – Балабурски, Генерален конзул и шеф на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи на Република Македонија во Република Грција, со седиште во Солун.
 
На седницата на владата денеска е усвоена и предлог-одлуката за престанок на трајно користење на недвижна ствар на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија-Скопје.
 
Владата денеска одлучи на Собранието на Република Македонија да му достави мислење дека Собранието не треба да го става предлог-закон за реализирање на рамноправноста на службените јазици и писма во Република Македонија на група пратеници во собраниска процедура, бидејќи веќе е во тек постапка по Предлог-законот за употреба на јазиците.
 
Информацијата за иницијатива поднесена од Политичката партија Левица, доставена до Уставниот суд на Република Македонија, за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 14 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, владата ја повлече од дневниот ред.
 
На денешната седница, владата ги разгледа и двата посебни извештаи за попречување на работата доставени од Народниот правобранител на Република Македонија. На седницата владата беше информирана дека Министерството за правда постапило по препораката на Народниот правобранител на Република Македонија за начинот на отстранување на констатираните повреди, додека пак во однос на вториот извештај на Народниот правобранител, владата беше информирана дека Министерството за внатрешни работи не е повикан субјект да се произвесе по извештајот, како и мислењето на Центарот за управување со кризи во кое се наведува дека одлуките кои се однесуваат на прашањата од областа на кризниот менаџмнет не се во исклучива надлежност на Центарот за управување со кризи.
 
Владата денеска разгледа и усвои повеќе извештаи за годишното или кварталното работење на неколку јавни претпријатија.