Премиерот Заев на јубилејот на ЛГБТИ центарот: Заштита на правата на сите граѓани во Република Македонија е заложба и определба на Владата
Почитувани домаќини и присутни,
Благодарам за поканата да се обратам на овој настан.
Граѓаните на Република Македонија покажаа каква Македонија сакаат. Граѓаните на Македонија застанаа зад концептот дека секој е важен и дека Македонија треба да биде држава на сите граѓани и за сите граѓани.
Како Влада на Република Македонија застанавме цврсто зад овој концепт што обезбедува живот и иднина за сите граѓани, и одлучни сме, ќе продолжиме да ја градиме Македонија во држава за сите и на сите.
Општеството го поставивме на вистинскиот пат. Тоа е патот на демократска и европска Република Македонија.
Демократијата не се стекнува преку ноќ, ниту пак е нешто дадено еднаш засекогаш.
Ја развивавме секој ден, со тоа што се развиваме пред сѐ самите себеси, низ надминувањето на наметнати или наследени предрасуди и стигми, испречени како предизвици за да извлечеме поука, што е најдобро.
Како и да е, еден од темелите на демократијата е почитувањето на човековите права и Владата ќе направи сѐ за да ја овозможи оваа уставна придобивка на секој граѓанин во Република Македонија.
Знам дека вашиот Центар, поради поттикнатите насилнички напади, мораше да ја смени својата локација и да се исели од просториите во Скопската чаршија.
Овој инцидент, како и уште неколку слични други во изминатите години, не беа расчистени од страна на институциите.
И не се единствените што се случија во државата.
Тука сум уште еднаш да испратам порака дека тие времиња на беззаконие, на кршење на човековите права по кој било основ се минато, затоа што Владата на Република Македонија поставува темели на држава којашто е заедничка за сите и којашто ќе се стреми да ги штити правата на секој, без разлика на какви било различности, припадност, уверувања и слично.
Еден од чекорите што се преземаат во таа насока е подготовката на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, за којшто е во тек е јавната расправа.
Целта е, со овој закон да постигнеме законска усогласеност со меѓународните стандарди за човекови права. Дефинирањето поими, што се подразбира под дискриминација, ќе биде во согласност со меѓународните стандарди.
Значајни промени се предвидени и во самата Комисија за заштита од дискриминација, којашто ќе биде професионализирана, преку транспарентен избор на членови, докажани во областа на човековите права.
Знаеме дека законите не се доволни и дека она што е потребно е да се погрижиме сите ние како заедница, да покажеме почитување и недискриминација по која било основа, низ давањето личен пример, во семејството, во нашето непосредно опкружување, во општеството.
Ваквиот пристап на градење општетсво за сите, е став на огромното мнозинство граѓани, што е обврска за сите нас да го развиваме, со што го трасираме патот на демократска, современа Република Македонија.
Ви ја честитам 5-годишнината од формирањето на ЛГБТИ Центарот и ве охрабрувам да бидете гласни, слободно да се изразувате и да дејствувате во насока на заштитата на правата на граѓаните.
Заштита на правата на сите граѓани во Република Македонија е заложба и определба и на Владата на Република Македонија.