Вицепремиерот Анѓушев на Самит на Македонија 2025: Задача на Владата е да креира поволна бизнис клима за раст на компаниите

 

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, се обрати на панелот: „Научени лекции и како да се имплементираат најдобрите практики во Македонија и регионот“, дел од Самитот во организација на Македонија 2025.

Во однос на економските политики на Владата и како истите треба да се имплементираат вицепремиерот истакна дека Владата работи на креирање на политики и мерки кои се транспарентни, еднакви за сите инвеститори и се насочени кон развој на компаниите и зголемување на извозот. 

„Македонија е мала земја со релативно мал број на жители, што значи дека претставува мал пазар. Растот на компаниите, а со тоа и раст на економијата мора да се бара во отвореноста на пазарот и пробив на македонските компании на странски пазари. Со поттикнување на компаниите ќе работиме на зголемување на извозот, со тенденција истиот да учествува во создавање на Бруто домашниот производ со 60-70%, а годишната стапка на раст на БДП да изнесува од 5-6%“, потенцираше Анѓушев.

Вицепремиерот истакна дека Владата нема да креира фирми со кои ќе им се прави конкуренција на приватните компании, туку ќе работи на креирање на поволна бизнис клима со која ќе се овозможи раст на компаниите и економски развој на земјата.

 

 

„Задача на Владата е да реализира капитални инвестиции: изградба на патна, електро-енергетска и гасоводна инфраструктура и ние тоа го правиме, за да ја подигнеме конкурентноста на македонските компании. Воедно креиравме сет на мерки, наречени План за економски раст, со кој предвидуваме поддршка и ист третман за сите компании кои покажуваат раст, независно дали се тие со домашен или странски капитал, сие тие се македонски компании“, додаде Анѓушев.

Вицепремиерот Анѓушев се осврна и на поврзувањето на домашните и странските компании, образованието, иновациите и претприемништвото како  основа за одржлив економски развој на Република Македонија.

„Наша цел е да имаме одржлив економски развој. За таа цел ја поттикнуваме соработката помеѓу домашните и странските компании, да се искористат домашни капацитети како можни добавувачи на странски компании. Воедно ќе се работи на поттикнување на иновативноста, односно истражувањето и развојот во приватниот сектор, кој во моментов учествува во креирање на БДП со минорни 0,02%. 

За да ги задржиме младите потребно е да се креираат добро платени работни места, а воедно тие треба да бидат стимулирани да бидат самовработени, да бидат храбри, проактивни и да покажат претприемачки дух“, подвлече вицепремиерот Анѓушев.

Самитот Македонија 2025 се одржува на 1-ви и 2-ри ноември во хотел Мериот, а учество ќе земат еминентни учесници од Македонија, регионот но и од други земји.