Средба на премиерот Заев со директорката во британското МНР за Западен Балкан, Мекилвем во Будва: Поддршка од Велика Британија за реформската агенда на Владата и интеграциите на Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Будва се сретна со Фиона Мекилвем, директорка во секторот на МНР на Обеднинетото Кралство за Западен Балкан, придружувана од Ендру Пејџ, координатор при британското МНР за престојниот Самит за Западен Балкан, што треба да се одржи во Лондон.
Госпоѓата Мекилвем пренесе дека Велика Британија ја цени големата реформска агенда преземена за реалзиација од премиерот Заев и од Владата на Република Македонија. Таа изрази охрабрување до Владата на Македонија да продолжи со внатрешните реформи, како и поддршка од Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за реформите во коишто се гледа можност за напредок на државата во интеграциите и за подобар живот на граѓаните.
Преставничката на британската влада Мекилвем ги поздрави политиките на премиерот Заев и на Владата на Република Македонија на градење добрососедски односи и најави дека Велика Британија ќе продолжи со активниот интерес за Македонија и за целиот регион во делот на стабилизацијата и интеграциите.
- Голема е мотивацијата на Владата на Република Македонија да осигура квалитетен живот на граѓаните на Македонија и евро-атлантска иднина на државата. Планот 3-6-9 предвидува реформи во праводуството, во медиумите, во безбедносните служби со што се создава стабилна клима за инвестирање во државата. Интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ, ќе значи и охрабрување инвеститори, со тоа и нови и подобро платени работни места за граѓаните и повисок животен стандард. Кон ова сме фокусирани и правиме `се што можеме на патот кон евро-атлантските цели. Добрососедските односи се исто така дел од политиките на градење пријателства на новата Влада, со што сме свесни дека можат да се олеснат процесите. Значајна е поддршката на Република Македонија од добри пријатели ка државата, како што е Велика Британија, рече премиерот Заев.
На средбата се разговараше и за можноста за соработка во дигиталната технологија и за шансите што на овој план ги отвора престојниот Самит во Лондон за земјите од Западен Балкан.
Премиерот Заев е во Будва на регионалната „Економска конференција на Црна Гора 2017“, а во рамки на посетата има и билатерални средби.