Премиерот Груевски ги посети децата од Домот „11 Октомври“

По повод божикните и новогодишните празници претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска ги посети штитениците од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје.

На веќе традиционалната средба, на која им беа поделени пакетчиња, премиерот Груевски им посака среќна и успешна година на секој план на децата, а тие му се заблагодарија со пригоден подарок и новогодишна претстава.

Директорката на Домот „11 Октомври“ Ристенка Атанасовска изјави оти е задоволна од помошта и донациите од граѓани и фирми за Домот, особено од помошта и поддршката на Владата. Во изминатата година, поточно од декември месец, во Домот се применува нова организација со воведување семејства од пет до девет деца за кои 24 часа се грижат воспитувачки. Секое семејство има своја дневна соба, кујна и две купатила. Покрај централната кујна, во посебните кујни децата еднаш неделно имаат можност самостојно да готват како дел од процесот за осамостојување. Денеска на подарок од премиерот добија и машина за сушење алишта.

Во установата во моментот се згрижени 61 дете на возраст од три до 18 години. Поради работата во три смени, имаат недостаток од воспитувачки, чиј број сега изнесува 17.