Министерот за култура Алаѓозовски: Одбележувањето на денот на големиот сесловенски просветител Свети Климент Охридски крунисан со промовирањето на бесплатната електронска верзија на Правописот на македонски јазик

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, денеска, на свеченоста по повод претстојниот патронен празник на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ ја промовираше бесплатната електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик.

„Го имам задоволството да ве информирам дека од денеска, на адресата www.pravopis.mk на Интернет, под страница на НУБ, е поставена бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик, кој ќе може да се користи и симнува лесно од сите нас. Сметам дека оваа вест претставува голема радост за граѓаните, пред се’ Македонците, не само во нашата земја, затоа што со неа добиваме одличен и практичен инструмент за унапредување на нашите јазични познавања и за подобра употреба на македонскиот јазик, во јавните објави и во јавната комуникација“, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски во своето обраќање.

Тој, посебно ја истакна улогата на НУБ ,,Св. Климент Охридски“ како библиотека со над седум децениска традиција, која е водечки извор на материјали во истражувачката дејност, депозитна библиотека и еден од предводниците во дигитализацијата на книжното богатство на земјата, со фонд на изданија што содржи над три милиони единици.

„Оваа Библиотека е мошне важна за сите нас, не само поради историјата и знаењето што ги акумулира во себе. Таа е место во кое живее и се негува нашиот јазик, столбот на македонскиот идентитет, таа е место кое ја продолжува мисијата на Св. Климент и сите оние кои посветено и со големи жртви низ вековите го чуваа и негуваа јазикот на народот, успевајќи да ги победат сите предизвици и обиди за асимилирање и обезличување“, рече министерот Алаѓозовски честитајќи го празникот Св. Климент Охридски.

Бесплатната електронска верзија на македонскиот Правопис е дел од предвидените мерки на Програмата за работа на Владата, преку кои ќе се развиваат потребните механизми за остварување на Стратегијата за заштита, унапредување и афирмација на македонскиот јазик.

„Се надевам дека со овие чекори, со НУБ и другите наши културни, јазични, научни и образовни установи и институции како стожери, ќе продолжиме заедно да чекориме достоинствено по патот кој го трасираа Св. Климент и нашите просветители“, рече министерот Алаѓозовски.

Електронската верзија на Правописот на македонски јазик, која ќе биде достапна за секој граѓанин на Република Македонија е резултат на работата и ангажирањето на Владата на РМ и Министерството за култура, во соработка со НУБ „Св. Климент Охридски“, Редакцијата на второто проширено издание на Правописот и издавачката куќа „Култура“.