Министерот Алаѓозовски го претстави буџетот за 2018-та: Повеќе пари директно во културата
Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски на денешната прес–конференција во Владата на РМ го претстави предлог-буџетот за 2018 година и неговите клучни аспекти.
Вкупниот буџет на Министерството за култура за 2018 година изнесува 4 милијарди 268 милиони и 497 илјади денари, односно околу 69 милиони и 406 илјади евра, што претставува зголемување од 4.48% во споредба со лани. Во вкупниот буџет на земјата, Министерството за култура учествува со 2 %, што е процентуално најголем културен буџет споредено со земјите од регионот.
„Буџетот во културата за 2018 година е развоен буџет, со кој ги кратиме мегаломанските и непродуктивните трошења на парите на граѓаните, вложуваме повеќе пари директно во културата и уметноста, обезбедуваме достоинствени услови за работа на сите уметници, културни работници и стручњаци од јавниот културен сектор, овозможуваме распространување и развој на културата низ целата земја и допираме до публиката од сите возрасти“, истакна министерот Алаѓозовски.
Нешто над 92% од планираните средства од вкупниот буџет на Министерството за култура се предвидени за финансирање на дејностите од областа на културата, додека околу 8 % се предвидени за трошоците на администрацијата на Министерството за култура. Споредено со лани, за трошоците на Министерството годинава предвидовме над 112 милиони денари помалку, додека за директно финансирање на дејностите и проектите во културата за 2018 се предвидени над 200 милиони денари повеќе.
Кај средствата предвидени за дејностите, како најзначајни се издвојуваат оние за сервисирање на обврските за Македонската филхармонија (600 милиони денари), 13 % ќе се потрошат за изградбата на Албанскиот Театар во Скопје и Театарот и Библиотеката во Тетово, 12% за драмската дејност, 11 % за заштита на културното наследство, 9% за музичка и сценско - уметничка дејност, 7% за фолклорна и сценско - уметничка дејност, 6.9% за музејската дејност, 6.3% се за блок - дотации до единиците на локалната самоуправа, а околу 4 % или 154.5 милиони денари за Агенцијата за филм.
Значајно зголемување има кај драмската дејност - обезбедени се 471 милиони 500 илјади денари што е зголемување од 23% во однос буџетот за 2017 година, за заштита на културното наследство се обезбедени 437 милиони и 500 илјади денари што е зголемување од 21 %, за музичката и сценско -уметничка дејност се издвоени 347 милиони денари што е зголемување од 17%, кај фолклорната и музејската дејност имаме зголемување од 13 %, а за библиотекарството во 2018 година се одвоени 88 милиони денари, или 4% повеќе од буџетот за 2017 година.
Кај средствата предвидени во разделот за Министерството, 38 % се за активности предвидени за финализирање на Универзитет на Св. Климент кај Плаошник, 32 % се за плати, придонеси, надоместоци и административни трошоци, 15 % за Управата за заштита на културното наследство, 7% одат кај националните уметници и за национални пензии во културата, 4% за истражување, заштита, конзервација, реставрација, реконструкција и презентација на Античкиот театар во Скупи, 1.5% за активности кај Скопско, Тетовско и Виничко кале, како и нешто под 1 % односно 3 милиони денари за туристичка промоција на културното наследство на Република Македонија.
„Во делот на капиталните проекти, ќе инвестираме 10 милиони денари во реконструкција на Офицерскиот дом во Битола, а обезбедивме 10 милиони денари за изградба на Спомен обележје на Тоше Проески. Освен тоа,обезбедивме дополнителни 70 милиони денари за сервисирањето на долговите за изградбата на Македонска филхармонија со што ја спречуваме опасноста од напластување на долговите и каматите на штета на буџетот. Обезбедивме финансии и забрзана динамика за објекти чијашто изградба и реконструкција се влечеше со години - 250 милиони денари за реконструкција и санација на Албанскиот театар во Скопје што е зголемување од 150% споредбено со Буџетот од 2017 година, како и 250 милиони денари во изградбата на театар и библиотека во Тетово, што претставува зголемување од 79% во споредба со 2017 година“, информираше министерот.
Во буџетот за културата во 2018, како посебна програма во капиталните проекти се предвидени и средства за санација на покривите и други ургентни интервенции за обезбедување на елементарни услови во нашите културни установи. Почетниот износ на оваа ставка изнесува 60 милиони денари, која може и да се надополни со пренамена откако ќе добиеме прецизни проекции од нашите установи и нашите инспекции, кои се на терен овие денови откако во над 20 објекти на културата (поради долгогодишна негрижа) се јавија проблеми со прокиснување и недостаток на основни услови за обавување на дејноста.
Значаен исчекор има во поддршката за активности од меѓународната соработка и за новите уметнички изрази. Обезбедени се 20 милиони денари за финансирање активности за европски интеграции, што е зголемување од 90%. 28 милиони денари за првпат ќе бидат инвестирани во нови мултидисциплинарни, интердисциплинарни и модерни уметнички изрази, а удвоени се средствата за поддршка на млади таленти.
„Со овој буџет, му ставаме крај на т.н Проект Скопје 2014-та, нема нови штети и товар за буџетот и парите на граѓаните и се раздолжуваме навремено за досегашните обврски за да не создадеме дополнителна финансиска штета; трошиме помалку пари за потребите на Министерството, а далеку повеќе директно за уметниците и нивните проекти; ја подобруваме инфраструктурата и условите за вработените во културните установи и за публиката од сите возрасти, ги отвораме установите за независната културна сцена;создаваме нови програми и ги зголемуваме можностите за поддршка за сите актери во културата; и обезбедуваме механизми за суштинска вклученост на сите засегнати актери во процесите на донесување одлуки во културата“, потенцираше Алаѓозовски.
Споредено со 2017 година, во буџетот за културата во 2018 година се предвидени и намалувања на одредени ставки. Најчесто тоа е кај капиталните објекти, и тоа поради намалување на обврските и завршување на изградбата кај дел од нив, во дел од ставките ги рационализираме трошоците со динамика на подомаќинско трошење, додека во одреден број на активности спроведуваме детални ревизии со цел да се утврдат реалните трошоци за нивното спроведување, за потоа да продолжиме со нивното финансирање. Од тие причини, намалување има кај средствата за Античкиот театар во Скупи и манастирот Трескавец, театарот во Велес, Турски театар во Скопје, театарот во Струмица и неколку археолошки локалитети. Намалување има и во финансирањето на публикации за вредностите на културното и природното богатство.
Целосната презентација можете да ја видите на следниов линк.