Министерот Роберт Поповски на дебата: Ја отвораме дебатата за поддршка на печатените медиуми за да обезбедиме плурализам во медиумскиот избор за граѓаните

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа јавна дебата за тоа дали и кој е најдобриот модел за поддршка на печатените медиуми, како дел од заложбите за плурализам во медиумскиот избор за граѓаните во нашата земја.


„Владата има најдобра намера и останува нејзината посветеност, во рамки на Планот 3-6-9 и планираните реформи за приближување на Република Македонија кон Европската унија, да помогне и да ги поддржи сите печатени медиуми на пазарот. Потребно е да се најдат вистинските начини за тоа и затоа ја отвораме оваа дебата“, изјави министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, на денешната трибина со претставници на печатените медиуми и со други медиумски работници.


На дебатата, Претседателот на новоформираното Здружение за заштита на печатените медиуми (ЗПМ) Лирим Дулови, ги соопшти првичните очекувања на претставниците на печатените медиуми. Дел од првичните предлози за поддршка се однесуваат на субвенционирање на педесет проценти од трошоците за печатење и дистрибуција за дневните, неделните и месечните печатени медиуми со информативен карактер, како и помош од 20 проценти за медиумите на помалите етнички заедници.


На денешната дебата, беа отворени прашања и дилеми и меѓу самите медиумски претставници, и тоа дали Владата треба да ги субвенционира и весниците кои се бесплатни и весниците кои се занимаваат со стручна и специфична тематика.


Учесниците на дебатата, поздравувајќи ја транспарентноста и отвореноста на Владата, истакнаа дека решението за поддршка на печатените медиуми се темели на европските искуства.


Министерот Поповски нагласи дека Владата ги следи забелешките на експертската група на Прибе, кои се однесуваат на економските предизвици на печатените медиуми и потребата од поддршка од страна на државата, со цел надминување на потенцијалната закана за слободни и плуралистички медиуми што е од суштинско значење за секоја демократија.


„После 11 години трауми и хорор, Владата сака темелни реформи, иако некому му се чинат спори. Главна цел е утврдување на мерките со кои ќе се поддржи оваа индустрија, како и правилно и правично да се одредат критериумите за поддршка“, оцени Поповски.


Министерот Поповски истакна дека во оваа фаза се добредојдени сите конструктивни предлози за оваа цел, ги информираше присутните, дека доколку се донесе одлука за финансиска поддршка на печатените медиуми со соодветно решение, средствата за оваа цела ќе се бараат со ребалансот на буџетот идната година, со оглед на тоа што во Буџетот за 2018 година нема утврдено ставка за оваа намена.