Британскиот амбасадор Гарет му врачи писмо на премиерот Заев од британската премиерка Меј со покана за Самитот во Лондон во јули: Поддршка од Велика Британија за евро-атлантскиот пат на Западен Балкан

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Македонија, Чарлс Едмунд Гарет.

Амбасадорот Гарет, на средбата му врачи покана на премиерот Заев од британската премиерка Тереза Меј, за Самитот за Западен Балкан, што ќе се одржи во Лондон во јули следната година, во рамки на Берлинскиот процес и чијашто цел е поддршка на Западен Балкан во напредокот и стабилноста.

Британската премиерка Меј, тоа го нагласува и во писмото до премиерот Заев наведувајќи дека целта на Самитот во Лондон е да се поддржат земјите од Западен Балкан во нивната посветеност, изразена на Самитот во Трст, за добрососедски односи, регионална соработка и адресирање на предизвиците во овие процеси.

Премиерот Заев се заблагодари за поддршката што ја дава Велика Британија на Република Македонија и на целиот Западен Балкан, многу важна за развојните и интеграциските процеси и на Македонија и на целиот регион.

На средбата денеска се разговараше за важноста на планираните теми за коишто ќе се дискутира на Самитот во Лондон, тоа се просперитет и безбедност на Западен Балкан.

Во делот на обезбедувањето просперитет, фокусот се планира да биде ставен на меѓусебното поврзување на државите, енергетиката, дигитализацијата и претприемништвото, а во делот на безбедноста, на справувањето со корупцијата, организираниот криминал, движењето на луѓе и стоки, тероризмот и насилниот екстремизам.

Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, во писмото потсетува дека лидерите, на Самитот во Трст се согласија дека интеграциите се „стратешка инвестиција во мирот, демократијата, просперитетот, сигурноста и стабилноста на Европа во целост“ и додава дека Велика Британија е подготвена да помогне со експертизи и со искуствата, заедно со европските партнери и Европската комисија за посилен прогрес. 

Посочувајќи дека поддршката на Велика Британија на регионот е долгорочна, како и во насока на европската стабилност, британската премиерка Меј во писмото додава: „Продолжуваме да го поддржуваме регионот на евро-атлантскиот пат и да работиме со вашата Влада, со европските партнери и со другите влади од регионот во градењето просперитет, сигурност и стабилност, во подготовката на нашиот Самит во 2018 година и пошироко“.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев најави дека нашата држава ќе даде активен придонес во сите посочени важни прашања што ќе бидат тема на Самитот.

„Стратешки цели на Република Македонија се интеграциите во Европската унија и во НАТО. Свесни сме дека само заедно, како регион, низ добрососедска економска и политичка соработка можеме да обезбедиме напредок и да придонесеме кон безбедноста и развојот и за државите, и во поширока смисла и јас како премиер и Владата на Република Македонија силно се посветени на овие цели и процеси“, додаде премиерот Заев.

На состанокот на премиерот Заев и британскиот амбасадор Гарет се разговараше и за важноста на потребните внатрешни реформски процеси, посебно во делот на независноста на правосудството и владеењето на правото.