47-ма седница на Владата на Република Македонија

На денешната седница Владата ќе ја разгледа информацијата за склучување на Спогодба помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Република Албанија за соработка во случај на катастрофи.

На предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање, на денешната седница на дневен ред е информацијата за усвојување на ажурираниот Национален имплементационен план за редукција и елиминација на перзистентните органски загадувачи во Република Македонија.

Пред министрите денеска ќе се најде и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител, како и предлог-законот за изменување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.

На денешната седница на Владата на РМ ќе се најде и информацијата за преземање на мерки и активности во насока на подобрување на ефикасното работење на казнено-поправните установи, која ќе ја достави Управата за извршување на санкции.

Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија денеска ќе го презентира извештајот од анализата на нацрт-стратешки планови на министерствата и другите органи на државната управа од аспект на формата, содржината и нивната усогласеност со стратешките приоритети на Владата на Република Макердонија во 2018 година, како и Анализата на спроведувањето консултации и учество на граѓанските организации во процесот на креирање политики на Владата и органите на државната управа.

Министерството за здравство на денешната седница ќе достави на разгледување и усвојување предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства.

Како точки за информирање, на денешната седница ќе бидат разгледани Извештајот за работата на Советот за утврдување на факти за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2017 година, и Информацијата за прогрес на имплементираните проекти од Стратегијата за Роми и Вклучување на Ромите - 2020 во Министерството за труд и социјална политика за периодот јули – декември 2017.

Календар Влада: 
Четврток, Јануари 4, 2018 - 17:00 to Петок, Јануари 5, 2018 - 19:45