Премиерот Заев со владина делегација престојува во официјална посета на СР Германија, ќе одржи работни средби со канцеларката Меркел и претседателот Штајнмаер

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и висока владина делегација составена од Радмила Шекеринска Јанковска, заменик претседател на Влада и министер за одбрана, Бујар Османи, заменик претседател на Влада задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи, денеска престојува во официјална посета на Сојузна Република Германија.

Премиерот Заев и владината делегација во Берлин ќе имаат средба со канцеларката Ангела Меркел. Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев и канцеларката Меркел, по средбата ќе имаат заедничка прес конференција на која ќе ги презентираат најважните прашања од нивните разговори од интерес на двете земји.

Во текот на денот, премиерот Заев ќе оствари средба и со Претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмаер.

Претседателот на Владата на Република Македонија за време на еднодневниот престој во Берлин ќе има средба и со д-р. Фолкер Трир, заменик претседател на Унијата на германски комори за индустрија и трговија.

Премиерот Заев во седиштето на Фондацијата Фридрих Еберт ќе одржи свое обраќање на тема „Од предизвици до перспективи: демократски реформи и Евро-Атлантска интеграција на РМ“ а во дискусијата ќе се вклучат државниот министер за Европа во Министерството за надворешни работи на СР Германија Михаил Рот и претседателот на Фондацијата Фридрих Еберт во Берлин Курт Бек.

Претседателот на Владата на Република Македонија и членовите на владината делегација, еднодневната официјална посета на Берлин ќе ја завршат со вечера ко-организирана од Аспен институтот во Германија, на која се поканети министерот за надворешни работи на СР Германија Зигмар Габриел и пратеници од германскиот Бундестаг од различни партии, кои имаат интерес за Република Македонија, за Западен Балкан и ЕУ и за НАТО интеграциите на земјите од регионот.

Календар Влада: 
Wednesday, February 21, 2018 - 10:00 to Thursday, February 22, 2018 - 21:45