Премиерот Заев и вицепремиерот Османи на прием кај Тереза Меј: Велика Британија силно ја поддржува Република Македонија во аспирациите за членство во ЕУ и НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи присуствуваа на приемот, што во честа на шефовите на владите на земјите од Западен Балкан, го приреди премиерката на Велика Британија Тереза Меј.

На одвоената средба на премиерот Зоран Заев и на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи со премиерката Тереза Меј и министерот за надворешни работи Борис Џонсон, изразен беше посебен интерес за спроведувањето на реформите во Република Македонија, како и за добрососедските односи и за проектите во регионалната соработка, што беа акцентирани за време на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој што се одржа вчера во Лондон.

Премиерот Заев информираше и за најновите активности на Владата на Република Македонија во евро-атлантските интеграциски процеси, со посебна нагласка на очекувањата нашата земја да добие препорака за отпочнување на преговорите со ЕУ, како и за очекувањата Република Македонија да биде 30-тата земја членка на НАТО во 2018 година.

Премиерката Тереза Меј и министерот за надворешни работи Борис Џонсон на оваа средба со Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, уште еднаш ја изразија силната поддршка за Република Македонија во аспирациите за членство во ЕУ и НАТО.