Премиерот Заев и сопругата Заева, министерките Шекеринска и Царовска, како и министерот Филипче го поддржаа маршот за правата на жените

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со својата сопруга, Зорица Заева, министерките Радмила Шекеринска и Мила Царовска, како и министерот Венко Филипче, со учество го поддржаа вториот „Марш за правата на жените” кој денеска се одржа во Скопје, во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.

Премиерот Заев им даде поддршка на граѓанските организации и активисти за остварување на целосна родова еднаквост и поголема застапеност на жените во сите општествени сфери.

 

 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека само со силни, жени, жени со силни права, права кои ќе ги штити државата ќе можеме економски, социјално, па и демографски да одиме напред. Од тие причини, нагласи Шекеринска, владата ја ратификува Истанбулската конвенција, којашто години со ред, како што рече таа, чекаше во фиока.

- Како нова Влада, по однос на овие прашања покажавме дека водиме сосема различна политика. Денеска во македонското Собрание имаме околу 45% жени. Токму оваа Влада одлучи повторно да ги стартува родовите студии, затоа што сметаме дека родово освестени граѓани ќе направат силна, подобра држава и за мажите и за жените. Поради тоа Владата одлучи, министерството за образование да ги оцени учебниците и од аспект на родовите права - изјави министерката Шекеринска на денешниот марш за правата на жените.

 

 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска го истакна присуството на претставници на Владата, премиерот Заев и министрите, како показател дека Владата не само декларативно, туку и на дело се залага, и со вистински чекори вложува во родовата рамноправност во Република Македонија.

- 8 март е денот на борбата за политичка, економска и социјална рамноправност на жените во светот и во Македонија - рече министерката Мила Царовска на денешниот марш.

 Понатаму во својата изјава за медиумите Царовска додаде:

- Наместо подароци и прослави, мислам дека денеска секоја жена и секој маж треба длабоко да се запраша што во минатата година направи за родовата еднаквост и што ќе направи во наредната година за родовата рамноправност. Зашто само така ќе направиме едно општество кое што е инклузивно.