Царовска во ОН: Со конкретни мерки го унапредуваме статусот на жените и девојчињата во Македонија
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска учествува на 62-та сесија на Комисијата за статусот на жените на Обединетите Нации. Во своето излагање во Генералното собрание на ОН, Царовска посочи дека, како земја кандидат за членство во ЕУ, Република Македонија се приклучува на изјавата на Европската Унија која се однесува на статусот на жените и ја споделува определбата да се засилат напорите кон трајна и трансформативна промена на животот на секоја жена и девојка во светот.
Царовска нагласи дека Министерството за труд и социјална политика ја презема улогата на лидер во обликување на политиките, координација и одговорност на Владата на Република Македонија во однос на Агендата за родова еднаквост и еманципација на жените. „Преземени се значајни чекори во насока на искоренување на сиромаштијата кај жените. Така, со промена на законот за минимална плата се изедначуваат платите за сите економски сектори и се намалува разликата во платите меѓу мажите и жените. Со овие промени ги опфативме работниците од текстилната индустрија, од кои 80% се жени“.
Министерката потенцираше дека Република Македонија во декември минатата година, ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство.
Дополнително, министерката Царовска учествува како панелист на настан „Трансформативно финансирање за родова еднаквост“, а свое излагање ќе има и во рамки на министерската панел дискусија на тема: „Забрзување на имплементацијата на Пекиншката декларација и Платформата за акција и постигнување конкретни резултати до 2020 година“.