Премиерот Заев на отворањето на дводневниот форум за владеење на правото во Југоисточна Европа: Искуствата низ коишто поминавме им даваат ново значење на човековите права, демократијата и владеењето на правото
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за правда на Република Македонија, Билен Саљији, денеска присуствуваше на отворањето на дводневниот форум за владеење на правото во Југоисточна Европа, во организација на Civil Rights Defenders и AIRE centre.
На форумот, Премиерот Заев имаше свое обраќање пред присутните, судии и правници, меѓу кои актуелни и бивши судии од европскиот суд за човекови права, пред кои истакна дека оваа земја, како што рече тој во своето обраќање, беше заробена држава, а владеењето на правото беше избркано од демократскиот систем и правната држава.
„Од пред нешто помалку од една година, актуелната влада и владините политики настојуваат да вратат нешто што е во генетскиот код на граѓаните. Нешто што е составен дел од модерна Европа. Тоа нè прави она што сме – граѓани еднакви пред правото и правдата“, рече премиерот Заев, и додаде:
„За Владата што ја предводам, во време кога правиме сериозни исчекори на политички, социјален и економски план, во судирот со искушенијата и предизвиците со кои се справуваме – владеењето на правото е нашата константна. Нашата рамка водилка од која нема отстапувања“.
Премиерот посебно нагласи дека зборовите искажани на јавни настапи и зборовите на хартија треба да оживеат во практиката на владеењето на правото, и дека за да биде цврсто утврдено владеење на правото, граѓаните треба да видат дека СИТЕ институции на државата – не само оние на правдата и безбедноста - се таму, за да им служат токму нив, на граѓаните.
„Справувањето со сторителите е сложено: Треба да се види дека правдата треба да се спроведе, додека, истовремено, новата политичка и владејачка гарнитура мора да гарантира дека кршењата на човековите права нема да се повторат и дека се спроведува правда со владеење на правото, а не политички реваншизам“, рече Премиерот Заев во своето обраќање.
Уверувајќи дека враќањето на правната држава и владеењето на правото го има како една од неговите приоритетни задачи, на која приоѓа со најголема одговорност, Премиерот нагласи дека искуството од скорешното минато низ кои поминаа граѓаните на оваа земја во, како што рече, заробената држава, дава едно ново значење на заштитата на нашите основни вредности, на основните човекови права, на демократијата и на владеењето на правото.
Интегрален текст од изјавата за медиумите на премиерот Зоран Заев:
„Денеска, на покана на организаторот зедов учество на отворањето на дводневниот Форум за владеење на правото во југоисточна Европа.
Ја прифатив оваа покана со големо задоволство, бидејќи темата на овој форум целосно се совпаѓа со еден од моите врвни приоритети како Претседател Владата на Република Македонија – да ја вратам довербата во институциите и владеењето на правото во нашата земја.
Искуството од скорешното минато низ кои поминаа граѓаните на Република Македонија, во заробената држава, им даваат на заштитата на нашите основни вредности, на основните човекови права, на демократијата и на владеењето на правото - ново значење.
Затоа враќањето на правната држава и владеењето на правото, се обврски на кои им приоѓам со најголема одговорност.
Владеењето на правото, правната сигурност, и еднаквиот пристап до правдата на сите, се дел од нашиот стратешки концепт „Едно општество за сите“.
Во реализацијата на тој концепт примарни остварувања се оние што треба да се остварат во борбата против дискриминацијата и исклучувањето, во родова еднаквост и во обезбедувањето на правичен пристап до основните услуги и ресурси за сите граѓани подеднакво.
Да не се заборави дека владеењето на правото ја помага и економската одржливост. Со обезбедување еднакви можности и рамноправен пристап до основните услуги, владеењето на правото овозможува инклузивен социјален развој и помага во борбата против сиромаштијата и нееднаквоста.
Дозволете ми да укажам на уште едно искуство како придобивка од негувањето и застапувањето на концептот на владеење на правото: Како што владеењето на правото влијае на развој на општеството, така и развојот на општеството го зајакнува владеењето на правото.
Тоа е вредност што ја делат сите прогресивни европски држави.
Одговори на новинарски прашања на премиерот Заев;
Медиуми: Како да имаме доверба во правосудниот систем после вчерашната одлука да се ослободат Бобан и Бојан Илич, одма откако се пуштија, се заканија на новинарска екипа. Како го коментирате целиот настан?
Премиерот Заев: Јас очекувам брза и ефикасна активност на сите институции согласно своите надлежности. Владеењето на правото мора да биде највисок приоритет на сите.
Секако, заканата од било каков аспект е за осуда од сите во нашето општество.
И апсолутно, само ефикасноста на системот, преку транспарентни постапки, со докази јавно објавени, можат да значат испраќање на пораката да не се повтори никогаш повеќе, и оној што се огрешил да биде казнет.
Медиуми: Господине Заев, дали по реакциите за законот за јазиците, е доведена во прашање политичката стабилност. Дали дополнително ќе се наруши политичката стабилност во земјава, и евентуално европската иднина односно перспективите во однос на препораката, за која што слушнавме и вчера од изјавата на амбасадорот Тимоние?
Премиерот Заев: Јас верувам дека врвен приоритет на сите во ова наше општество со најголема одговорност на владејачката гарнитура се реформите согласно кои Македонија се движи на нашата евроатлантска агенда.
И од тој аспект, се надевам дека секој ќе продолжи со преземањето на својот дел од одговорноста. Ние како претставници на владејачкото мнозинство ќе направиме сè, со широко разбирање за опозицијата, да дадеме шанса, преку дијалог, да продолжат дебатите на работни групи за реализација на реформите. Јас го поздравувам ставот на шефот на опозицијата да испрати порака дека реформите се врвен приоритет за сите, и секако и тие остануваат посветени на реформите затоа што тие се важни за европската агенда, но секако и значат живот за граѓаните. Од тој аспект јас верувам дека секаков вид на политичко случување кое што во државата може да се случи и во иднина нема да го наруши политичкиот дијалог, процесот на реформите, донесувањето на законите, кои што се императив на агендата, верувам на сите, во Република Македонија.
Од тој аспект навистина повикувам на внимание на сите институции на секо поединец, согласно своите одговорности, посветено, транспарентно, и во постојан дијалог со сите, да се изнајдуваат решенија за сите состојби.
Медиуми: И амбасадорот реагираше, но и севкупната јавност, особено експертската, за начинот на кој што беше донесен законот за употреба на јазиците. Кој е вашиот коментар, дали беше согласно законот и уставот?
Премиерот Заев: Претседателот на Собранието, одлучи, согласно неговото објаснување, кое што го даде во јавноста, да постапи во делот на правото што го има согласно деловникот за да управува со седниците на Собранието. Секако на крајот постојат институциите кои што ќе кажат дали тоа било исправно или не.
Дебатата е здрава и нека биде отворена. Но, впрочем, никој друг не кажува како очекуваа да се одблокира Собранието со 36000 амандмани. Јас верувам дека тоа не можеше да се случи.
Она што за мене е важно е да постои дијалог. Јас затоа барав една недела дополнително. Разговарав со опозицијата, разговарав со сите политички партии и партиципиенти, и на крајот сите знаеја дека најверојатно тоа беше преку правото на претседателот да управува со Собранието.
Пратеничката група на СДСМ, двапати гласаше за овој закон, и еве и овој пат гласаше за овој закон. Важното е да го оставиме законот да го види светлото на денот.
Мене ми е жал што претседателот на државата, одлучи, буквално да не го почитува уставот, и објави дека и по второто гласање нема да го потпише законот. Тоа не е добро. Тоа е флагрантно кршење на уставот на Република Македонија. И секако институциите немаат да дозволат тоа така да се случи.
Но, истовремено за мене тоа значи кукавичлук, да не се дозволи законот да живее. Заради тоа што ако се пушти законот да живее, конечно ќе ја реализираме и последната правна обврска од Охридскиот договор. И сите ќе видат дека нема да има ни тиранска агенда во Македонија, нема да има ни седумнаесетта Албанија во Македонија, дека Македонија нема да биде држава на Албанците, или не знам кој од малцинските заедници во државата, и ќе видат дека ништо нема да се промени во Македонија што ќе ја наруши нејзината заедничка иднина.
Јас апелирам да се пушти законот да живее, да се почитуваат институциите. Постои Уставниот суд, ќе чекаме мислење од Венецијанската комисија, сите сме за отворена дебата.
Ние овој закон не го гласавме во периодот после парламентарни избори до формирањето на Владата, скришно, задкулисно, како порано што се правеше.
Девет месеци е отворена дебатата. Ајде, буквално сите да се фокусираме, да дадеме шанса на ова наше мултиетничко општество, на општество каде што сите граѓани ќе бидат еднакви согласно Уставот, и ќе ги користат своите права.
Дадено е, со овој закон, едно ускратено уставно право, на граѓаните од помалку бројните заедници. Со непотпишувањето се предизвикуваат можности за било какви проблеми во Македонија. Јас верувам дека законот треба да се потпише, и да се достави до Уставниот суд, да се достави до Венецијанската комисија, но и да се докаже дека во Штип, во Гевгелија, во Струмица, не мора никој да зборува албански јазик.
Убаво е граѓаните Албанци да си го користат својот мајчин јазик во општините каде што се повеќе од 20%, Ромите во единствената ромска општина во Европа да го користат својот, Турците во Гостивар, Србите во Куманово итн. Апсолутно не заборавајќи дека официјален и службен јазик во Република Македонија е македонскиот јазик, и притоа, во овој закон дополнително го прецизира и начинот и потребата и на македонскиот јазик кое што беше отворена дилема и прашање во државата.
Медиуми: Премиере што е договорено до сега помеѓу групите што разговараат за реформите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и конкретно, сакам да ве прашам за законот за политички партии. Дали е побарано од ВМРО и дали е дадена согласност од СДСМ за финансирањето, да има повеќе буџет за политичките партии?
Премиерот Заев: Се преговара по сите законски решенија. Двете политички партии преку своите политички претставници и работни групи ќе објават кога ќе биде тоа усогласено и договорено.
Јас не би сакал предвремено или преурането нешто да објавам, но ќе кажам дека од претставниците на СДСМ имам позитивен фидбек, односно информации дека добро течат работите.
Се работи за еден пакет поврзан со реформските процеси, но и она што значи усогласување во државата, како што е изборното законодавство.
Убаво е навремено да дискутираме, не само во очи на изборите. Во рамките на тоа изборно законодавство, јас, нашиот концепт го соопштив, за кој што се залагаме, една изборна единица, професионални институции, значи ДИК да биде административен орган, а да учествуваат политичките партии шест месеци пред изборите. Отворајќи ги вака законите, се отвори и прашањето за финансирањето на политичките партии. Секако тенденцијата ја прифатив од работните групи и ги испратив претставниците на СДСМ да поддржат концепт, кој што ќе ја зајакне независноста на политичките партии, и политичарите од екстерното финансирање. Тоа значи од донации, физички или правни, кое што секако политичарите и партиите ќе ги направи понезависни во иднина.
Тоа значи дополнителна можност за финансирање на политичките партии согласно трошковници, кои се знаат транспарентно кои се, за да можат граѓаните да знаат зошто од буџетот се финансираат овие пари, но истовремено и политичарите да не бидат зависни од било какви центри на моќ.
Медиуми: Господине Заев, најавивте реконструкција во владата, кога ќе се случи и може ли да кажете во кои ресори можеда бидат...
Премиерот Заев: Реконструкцијата на Владата, пред сè, ќе биде предводена, при евентуалните промени, согласно договорите со политичките партии и пратениците кои што би ја прифатиле програмата на Владата и влез во парламентарното мнозинство.
Оттука ќе тргнат и преговорите за ресорите а истовремено и за кадрите кои ќе бидат понудени во овој дел на реконструкција и промена на одредени кадровски структури во државата.
Значи уште еднаш напоменувам, почнуваме процес на зголемување на парламентарното мнозинство во државата.
Овој процес значи испраќање на сериозна порака до граѓаните, до стопанството, до општеството. Имаме намера, преку посилно и постабилно парламентарно мнозинство, да носиме сериозни одлуки во Република Македонија, кои што, сите знаеме дека се на повидок и доаѓаат.
Апсолутно ќе разговараме со сите, кои што имаат намера, во еден ваков концепт, за едно општество за сите, оние кои што се придржуваат на вредностите на ова владејачко мнозинство, а тоа еве и со законот за јазиците, апсолутно е определено и во кој правец и ќе се движиме.
Луѓето кои што не даваат шанси на едно општество за сите како концепт, јас и не верувам дека може да бидат дел од парламентарното мнозинство. Тие кои што даваат шанса, вредно е да разговараме со нив, затоа што некои од нив и до сега беа опозиција, а даваат поддршка на вредностите што значат едно општество за сите, и нормално општество кое што е посветено на реформите, и евроатлантските интеграции на Република Македонија.
Така да, веројатно ќе разговараме со сите опозициони политички партии, освен со ВМРО-ДПМНЕ.
Медиуми: Во вчерашниот извештај специјалната обвинителка реагира дека сè уште не е законски решен статусот на тоа Обвинителство и покрај заложбите, но и дека Собранието ги нема донесено законите кои што ги бара веќе од поодамна. Тоа се законирте за укажувачи, за приватност, за заштитени сведоци. До каде е оваа работа кога веќе говориме за закони и за владеење на правото?
Премиерот Заев: Она што го добив како информација од работните групи, е дека законот за заштитени сведоци, законот за следење на комуникациите и некои слични закони, се или целосно усогласени, или на крај на усогласување. Убаво е тие закони да бидат изгласани и од власта и од опозицијата. Така ќе има посериозна гаранција за нивното почитување. Не само правно формално, тоа мора да биде така кога ќе се донесе законот, туку самиот дух на законот да го даде својот резултат.
Во делот на правосудните реформи, Законот за судовите, Законот за Судски совет, и другите закони кои што се буквално тема на преговорите, ќе се реши трајно и иднината на Специјалното јавно обвинителство.