Транскрипт од прес-конференција на МНР Никола Димитров и МНР Никос Коѕијас
На покана на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, на 22-23 март, 2018 година, во официјална посета на Република Македонија престојуваше министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас. На 23.3.2018, во министерството за надворешни работи, министрите одржаа заедничка прес-конференција, чиј интегрален транскрипт го пренесуваме тука.
Изјава на МНР Димитров:
МНР Димитров: Разговаравме за иднината, и кога разговараме за иднината тешко е да најдеме разлика. Меѓутоа, за да дојдеме таму ни треба да ја надминеме актуелната разлика, разликата околу името. Задачата не е лесна. Ова практично е втората вистинска средба на којашто разговаравме за сите суштински елементи. И, се работи за многу деликатен баланс. Јас пола ден мислам што е важно за јавноста во Грција и другата половина, мислам што е најважно за нас овде, во Република Македонија треба да го покриеме. И, ако едно мало чекорче се направи во еден правец целата равенка се поместува. Прашањето трае долго, се обидуваме да изградиме доверба, да објасниме, да информираме. Мислам дека уште има предрасуди. Мислам дека и од другата страна, се надевам Никос дека тоа ќе го потврди, има вистинска желба ова да се надмине на начин што нема да понижи никого, а ќе ги отвори вратите за иднината. Најлесно од се’ e да не се допираат вакви прашања што се долго време проблем, меѓутоа тоа не помага. И затоа ќе продолжиме. Како што знаете, како што беше најавено, идната недела повторно ќе го отвориме прашањето заедно со медијаторот. Ќе имаме многу повеќе, бидејќи ова денес меѓу другото е и билатерална посета. Таму ќе бидат разговорите само за ова прашање. И ако има потреба, се разбира, ќе се договориме уште еднаш да се видиме, па и повеќе пати. Додека не најдеме некој начин да ги поместиме работите напред. Јас ќе застанам тука, за да оставам простор за Министерот Коѕијас да каже два-три збора, а потоа се разбира да имаме време за неколку прашања.
Новинарски прашања:
Прашање: Г-дине Димитров, би сакал да ве прашам следното. Читајќи го членот 119 од вашиот Устав, се споменува за Република Македонија и за името на граѓаните на Република Македонија. Како ќе потпишете еден таков меѓународен договор за името на Република Македонија (н.з. нејасно)?
Одговор МНР Димитров: Добро е што сум правник. Мислам дека тие членови во нашиот Устав ги уредуваат надлежностите во меѓународните односи. И членот 119 определува кој потпишува меѓународни договори во името на државата. И вели дека тоа по правило го прави Претседателот, а може тоа да биде и Владата. Не мислам дека е тоа некој член што баш директно навлегува во ова прашање, така што не знам колку е мудро од моја страна да одам во правец во она што навистина го прашувате, во детали. Знаете ова, го прашав Министерот Коѕијас дали и во Грција има традиција, ова за нашите новинари и јавност нема да биде нешто ново, ама можеби за грчките да. Го прашав дали има традиција на правење филигран, тоа е еден многу убав занает на правење накит од сребро. Така што, тој занает бара многу големо трпение, прецизност и деликатност. Јас се’ од себе давам иако не знам да правам накит од сребро, на некој начин заедно да направиме нешто што, како што кажав, ќе биде доволно добро за двете страни. Тоа можеби би можел да кажам, но не би одел длабоко во тие уставни одредби. Благодарам.
Прашање: Дали сте подготвени да пристапите кон изнаоѓање на конечно, чисто решение без отворени прашања и сенки и кои податоци би можеле да доведат до такво решение?
Одговор МНР Димитров: Не сум сигурен со преводот на прашањето. Кои се тие податоци беше преводот- што ќе не доведат до решение. Ние сега имаме еден привремен режим којшто овозможува некакви односи. Тој се потпира на две резолуции на Обединетите Нации, ја имаме Времената спогодба, имаме толкување од Меѓународниот Суд околу Времената спогодба. Меѓутоа, факт е дека сме далеку од целосниот потенцијал на отворање што мислам дека ќе биде многу важно и за нашата земја и за нашиот сосед и за целиот регион. Одржливо решение е тоа што со помош на двете страни ќе биде прифатено од двете страни. И од јавноста и од граѓаните. Наше е да дојдеме до точка каде ќе бидеме спремни тоа да го отвориме и да го понудиме и да го браниме. Јас искрено понекогаш мислам дека иако сме на различни страни и застапуваме различни гледања, истовремено сме и на иста страна бидејќи се обидуваме да отвориме иднина. И понекогаш противниците на компромисот ги доживувам како да се на иста страна бидејќи влечат назад. Ова е еден вид на натпревар меѓу иднината и минатото. Ние на Балканот имаме толку многу минато, а понекогаш немаме баш многу иднина. Мислам дека ќе биде многу важно силите што сакаат да ја отворат иднината да успеат да ги надминат, се разбира без непочитување. Историјата е многу важна, меѓутоа неа на можеме да ја смениме. А сегашноста и иднината можеме. Одржливо решение според мене е тоа што на двете страни ќе овозможи напред и прифатливост. Да се погледнеме во очи и да се поздравиме како луѓе, соседи сме и секогаш ќе бидеме соседи. И мислам дека ако ова го изиграме вешто, ќе имаме и заедничка иднина, европска каде што веројатно многу интереси ќе споделуваме, ќе бидеме природни сојузници.
Прашање: Имаме видено некои вести каде што се спомнува колку е можно да прифати вашата земја едно единствено име како еден збор, како „Горнамакедонија“. И второ, колку би можеле да прифатите да остане непреведно, само на словенски јазик.
Одговор МНР Димитров: Во дилема сум, бидејќи обично јавно не отворам позиции и имам дилема дали да одговорам директно и прецизно или општо и во цели. Мислам дека во сегашната привремена референца, привремениот режим, поранешна Југословенска Република Македонија, и постои името Република Македонија, со придавките „поранешна југословенска“, и тоа име е преведливо на шесте официјални јазици на Обединетите Нации, итн. Мислам дека тука тешко ми е на својот народ да му кажам, бидејќи ние сме народ под тоа име, иако мислам дека идентитетски различни работи разбираме кога ќе се каже Македонија во Грција и кога ќе се каже Македонија во нашата Македонија, во Република Македонија. И, многу е... не може да се каже дека сложено име со некаква одредница коешто го содржи името Македонија--- малку е тешко да аргументираме дека тоа е, ако имаме еден збор. Можеби ако се изговори брзо може и да се подизгуби, да не звучи како Македонија. Така што, мислам дека е тоа тежок аргумент и за мене можам многу, многу аргументи да најдам да објаснам зошто тоа не е веројатно најдобриот правец. Ама се разбира, можеби Никос ќе има различно мислење. За мене, многу е важен овој момент, многу е важна дистинкцијата што се обидуваме да ја најдеме да биде достоинствена, и да не направи некаков посебен случај од ова. Мора да имаме/да најдеме начин да се поздравиме, да излеземе од овој спор со исправени глави. Благодарам.
Изјава на МНР Коѕијас:
МНР Коѕијас: Му благодарам на мојот колега Никола за поканата. Се радувам што повторно сум во северниот сосед и што можев да го одржам ветувањето. Рековме дека кога ќе се смени името на аеродромот ќе дојдеме да го посетиме вашиот убав град, да ја отвориме втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација за поврзување на вашата земја со ЕУ. И да го поддржиме вашето влегување во Јадранско-Jонската иницијатива. Верувам многу во нашата заедничка иднина, во нашата соработка што ќе биде за добро на нашите граѓани и на целиот регион. Верувам длабоко дека ако можеме - а должни сме да можеме - и денес направиме чекори, да ги решиме проблемите кои не ги создадовме Никола и јас, туку ги затекнавме и должни сме да ги решиме, бидејќи тоа ќе помогне за пријателството помеѓу двата народа, секојдневната комуникација и економската соработка, стабилноста и безбедноста во регионот. Тоа ќе даде можност да придонесеме, мислам на двете држави, во развојот на целиот регион. Верувам дека надминувањето на политичките пречки ќе придонесе кон економскиот и општествениот развој. Се радувам многу што ќе се сретнам со најголемиот дел од политичкото лидерство на државата. Сакам да се заблагодарам однапред на премиерот г-динот Зоран Заев што ми дава можност да имаме една креативна дискусија, но и останатите: г-динот Џафери и г-динот Ахмети, и г-динот Мицковски, што ќе можеме да размениме мислења и да ги информираме за тоа до каде сме.
Сакам да кажам дека во политиката е лесно да не правиш ништо. Посебно во надворешната политика, не се сеќавам – ова го велам и како професор по меѓународни односи – не се сеќавам дека народот многу се жали или пак некој Министер да биде многу критикуван - зошто не се движи многу и не решава проблеми. Но, потоа доаѓа животот и си ги нуди неговите решенија и тие се многу скапи. Министрите за надворешни работи во рамките на нивните Влади, на иницијативата на нивните Премиери имаат должност да наоѓаат решенија. И се должни да наоѓаат решенија, независно од едно или друго мислење, еден или друг ден, долгорочно тие ѝ помагаат на својата земја.
Грција денес излегува, полека-полека од економската криза. Лично верувам дека за да го има економскиот развој кон кој сите се стремиме, потребна ни е соработка со целиот, поширок регион. Потребно ни е членството на целиот поширок регион во меѓународните организации што го посакуваат нашите соседни земји. Веруваме во чесни компромиси. Со еден чесен компромис, долгорочно придобивки ќе имаат и двете страни. Со еден чесен компромис, а не со еден „скапан“ како што често велам, компромис, туку со чесни придобивки ќе има и за двете и нема да има некој што ќе биде губитник. Но се разбира, при еден компромис - и ова се однесува на Грција која сака чесен компромис - не можеш секогаш да го добиеш тоа што го имаш на ум или метафизички веруваш. Реалистички погледнато и навистина, треба да го добиеш она што е главно за тебе и да го дадеш тоа што е главно за другата страна. И најважно, тоа што е заеднички интерес за иднината.
Верувам многу во стабилноста и безбедноста на регионот. Уверен сум дека нашиот северен пријателски сосед е една земја со која нашите релации на државно ниво треба да го следат она што се случува во самиот живот. Знаеме колку милиони луѓе се движат меѓу двете држави, се посетуваат. Со задоволство забележуваме дека економијата на северна Грција ги прифаќа со радост граѓаните на вашата земја, било како купувачи, било за туризам, или за бизнис или за пријателски посетувања и обратно.
Верувам дека нашите народи се многу блиски, мора да се блиски. И историското наследство се обидува да ги оддалечи. Нашите народи се блиски и, во иднина треба, со наша помош да ги донесеме уште поблиску. Нашите држави, нашите народи, ќе имаат добивка од заедничките активности во иднина, како и грижата за новите генерации за целиот регион. Благодарам. Ти благодарам Никола за поканата.
Новинарски прашања:
Прашање: На маса се три документи за разговори, двете нацрт спогодби и предлогот од Нимиц. Колку се поклопуваат овие документи, колку се заеднички во одредени делови, дали може да кажете? И дали двете нацрт спогодби ќе ги отежнат преговорите, бидејќи место за еден документ се преговара сега за три?
Одговор МНР Коѕијас: Благодарам за прашањето. Документите се прават за да се разјаснуваат позициите и предлозите на страните. Сигурно на крајот ќе направиме еден единствен текст, во голем степен сме договорени за тоа што сакаме за иднината, но и за некои други прашања. Г-динот Нимиц, тоа што ние ќе се договориме и ќе преговараме со него, ќе го достави во еден текст до Советот за Безбедност и Генералното Собрание каде што ќе се потврдува дека проблемите во резолуциите 817 и 845 на ОН се надминати и можеме да продолжиме понатаму. За тоа „понатаму“ всушност ќе се договориме, односно како ќе ја унапредиме нашата соработка. Текстовите се секогаш за да помагаат во преговорите. Верувам многу во прашањето со кое се соочуваме и дека личните разговори и преговори се најважната работа и најпозитивната работа што можеме да ја направиме.
Прашање: Дали сте подготвени да пристапите кон изнаоѓање на конечно, чисто решение без отворени прашања и сенки и кои податоци би можеле да доведат до такво решение?
Одговор МНР Коѕијас: Да кажеме дека тој што прашуваше го има истото име со нас. Сакам да кажам дека се согласувам. Потребно ни е едно праведно решение, што нема само да ги решава проблемите од минатото, туку ќе создава една позитивна иднина, и нема да претставува инвестиција во нови раздори. Значи, сакаме едно стабилно решение што ќе отвора патишта, а не решение што може да создава проблеми во иднина.
Прашање: Зошто Грција толку силно инсистира на Уставни измени кога евентуален меѓународен договор, ратификуван во Собранието барем според македонскиот правен поредок, станува дел од внатрешниот поредок и ја има тежината, може да се каже дури и поголема од Устав ако се има предвид дека тој договор ќе биде депониран во Обединетите Нации. Зошто барате толку поголеми гаранции дека Македонија ќе го спроведува тоа што ќе се договори помеѓу двете земји, кога веќе меѓународен договор е нешто што е правнички кажано напишано во камен?
Одговор МНР Коѕијас: Ова прашање ми го поставуваат и во самите преговори од страна на вашата земја, што значи дека има причина за постоењето. Не бараме повеќе гаранции, едноставно го земаме предвид искуството што го имаме во Европската Унија, со одлуките на цела низа Уставни судови кои сметаат дека Уставите остануваат над европското и меѓународното право. Ве потсетувам на повеќе одлуки на Уставниот суд на Германија, како во врска со Спогодбата на Маастрихт, Ница и Лисабон. Значи на спогодбите на ЕУ од последните 20 години. Тоа е едно прашање за уставните промени што ние го бараме. Го дискутираме. Мислам дека е потребно да го разјасниме сето тоа и да видиме на крајот каде ќе завршиме. Не мислам дека тоа е едно прашање што можеме сега, во овој момент да го одговориме, бидејќи се наоѓаме сред преговори.
Прашање: Г-дине Коѕијас, зборувате за чесно решение и компромис што ќе ги задоволи двете страни. Што е за вас чесно решение на проблемот? Ако инсистирате на промена на Уставот, тоа не изгледа воопшто чесно за македонскиот народ овде. Ако инсистирате за едно име, во еден збор споено, непреведено, исто така, не изгледа чесно за сите граѓани на Македонија зборувам, не само за Македонците. Може ли да ни кажете што содржи вашето чесно решение? Како вие го разбирате?
Одговор МНР Коѕијас: Чесно, праведно и точно решение. Тоа е решение што ги зема предвид главните, клучните интереси на двете страни. Клучните интереси на секоја страна се лоцираат преку преговорите што ги водиме и во резултатот што ќе го имаме. Јас не сакам сега во текот на преговорите да ви ги анализирам моите позиции. Но, во некој друг момент ќе ви дадам десетици примери како се прават уставни измени, се изнаоѓаат имиња, и оваа земја, како што и ние во Грција правиме разни уставни промени, направи уставни измени. Тоа, како појдовна точка, сега не зборувам во врска со нашиот разговор. Тоа не е нешто нечесно. Законите, уставите, менталитетите, со текот на времето се менуваат. И како што имам кажано, земјата веќе има направено две главни и пет помали промени. Не велам дека сега треба да направи посебно. Едноставно велам дека не треба сега тоа да го правиме морално прашање, дали ќе направиш една промена или не. Морална промена е таа што ќе ги задоволи и двете страни. Не зборувам за екстремистите во двете земји, зборувам за тие што размислуваат за една заедничка иднина. Не бараме едната страна да се уништи, и другата да се радува дека победила. Тоа не е ни чесно, ни морално-таквото решение. Тоа што го бараме е меѓу различните мислења што ги имаме да најдеме едно сеопфатно решение, што ќе го интегрира сето тоа што за секоја страна е значајно. Не може ни едната ни другата страна да прифати сè што предлага секоја страна, затоа и преговараме. Дури и дома, еден пар, па дури и со нашите деца правиме компромиси, инаку не можеме да имаме соживот. Тоа што е важно е дека постојат праведни компромиси и, како што велам јас „скапани“ компромиси. „Скапан“ компромис имаш тогаш кога сакаш некого да го потчиниш или пак да му попуштиш. И во двете земји имаме сили што би сакале да ѝ наметнат на другата страна како треба да се однесува, што треба да промени. Тоа не се прави така. Сакаме заедничка иднина, развој на пријателството, заемно почитување. Значи треба да направиме еден чесен компромис. Благодарам.