Министерот Поповски: Трајна е заложбата на Владата, преку транспарентност и отчетност да биде во служба на граѓаните

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска учествуваше на дебатата „Предизвици на Владата и институциите во зголемување на транспарентноста пред медиумите и граѓаните" во организација на Здружението на новинарите на Република Македонија (ЗНМ) и Онлимит Медиа.

Покрај многубројните новинари и медиумски работници, медиумската фела ја претставија претседателот на Здружението на новинарите на Република Македонија (ЗНМ) Насер Селмани и Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ, како и истражувачката новинарка Сашка Цветковска.

Поздравувајќи ја заложбата на министерот Поповски да зема учество во сите јавни дебати на кои е поканет, присутните новинари оценија дека Владата која ја претставува министерот, драстично го смени односот кон медиумите следејќи го принципот на отвореност за дискусија и дебата, но посочија дека треба уште многу да се работи за да се овозможи сите институции да бидат целосно транспарентни.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, говорејќи за основните принципи на достапност на медиумите до информациите, посочи дека овозможувањето на пристап до информациите е должност на секоја Влада и секое нејзино попречување значи спречување на новинарите да ја одиграат својата улога на коректив во едно демократско општество за подобро информирање на граѓаните.

Министерот Поповски, се заблагодари за можноста која на Владата на РМ ѝ се дава низ дебата да ги презентира и анализира своите политики и преку транспарентноста и отчетноста да ги изложи мерките кои се преземаат во служба на сите граѓани и медиумите.

,,Оваа влада, целосно посветена на транспарентноста и отчетноста, не покажува само драстична и драматична разлика од сето она што се случуваше не само во претходните 11 години, кога се соочувавме со еден целосен мрак и затвореност на институциите,  туку ми се чини и од периодот на независноста на Република Македонија па до денес“, оцени Поповски.

Поповски посочи дека како министер во контактите со министрите постојано укажува на потребата од транспарентност која носи одговорно и отчетно владеење.

„Пред неколку дена, за прв пат во историјата на политичката историја на независна Република Македонија, самоиницијативно ги објавивме трошоците  на премиерот, министрите, замениците-министри државните секретари и Генералниот секретар во периодот од 1 јуни до 1 декември 2017 година. Изработивме алатка за транспарентност на тие трошоци и таа ќе биде достапна за сите институции понатаму“, рече Поповски.

Поповски додаде дека, за да се постигне целосна транспарентност, е потребна квалитетна реформирана администрација за да може системот на институциите да функционира исправно во сите сегменти во општеството.

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Поповски, повтори дека е укинато владиното рекламирање, за да се избегне влијанието врз медиумите, отворени се седниците на Влада, со воведени редовни прес-конференции на кои портпаролот информира за одлуките и за други дневно-актуелни прашања.

Говорејќи за активната транспарентност Поповски, оцени дека во договор со медиумите, Владата овозможи да бидат достапни и договорите склучени преку јавните набавки на електронскиот систем на Бирото за јавни набавки, извршена е декласификација на информациите кои во минатото се сметаа за тајни, формирана е работна група за измени и дополнувања на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и овозможено е медиумските работници и новинарите бесплатно да ги користат услугите од Централниот регистар и Катастарот.

Во врска со реакциите на некои од министрите за објавените трошоци во Министерствата, Поповски објасни:

„Што се однесува на трошења во институциите, во таа ставка, за жал, некои административни службеници, не го разбрале укажувањето, дека е неопходно да ги пријават само трошењата на министрите, а не и трошењата на сите што се овластени да потпишуваат во рамките на Министерствата и тука има една мала недоследност, што во меѓувреме ќе се искоригира“, рече Поповски.

На забелешката дека дел од институциите и министрите се уште не се отворени за јавноста и не одговараат навремено на поставените прашања кои се од интерес на јавноста и граѓаните, Министерот Поповски, се заложи дека ќе се труди постојано да разговара со своите колеги дека ниеден медиум не смее да биде одбиен за изјава.