Министерот Димитров ги прими копиите од акредитивните писма на новите амбасадори на Република Танзанија, Големото Војводство Луксембург и Кралството Данска во Република Македонија
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денес ги прими копиите од акредитивните писма на новите амбасадори на Република Танзанија, Големото Војводство Луксембург и Кралството Данска во Република Македонија.
На првиот акредитиран танзаниски амбасадор во Република Македонија, со седиште во Рим, Н.Е. г-дин Џорџ Кахема Мадафа, министерот Димитров му посака многу успех во дипломатската мисија и изрази уверување дека амбасадорот Мадафа ќе остави личен печат во развојот на односите меѓу двете земји. Можностите за продлабочување на односите и унапредување на соработката на билатерален и на мултилатерален план беа главни теми на разговор на средбата.
МНР Димитров имаше задоволство да ги прими копиите од акредитивните писма и на првиот акредитиран амбасадор на Големото Војводство Луксембург во Република Македонија, со седиште во Луксембург, Н.Е. г-дин Кристиан Бивер. Во таа прилика, беше искажано заемно задоволство од нивото на билатералните односи и соработка меѓу двете пријателски држави и беа рагледани потенцијалните полиња за нивно натампшно унапредување. Воедно беше поздравен текот на реформите и проактивната доброседска политика на Република Македонија, реафирмирана поддршката на Луксембург во насока на нашата европска и евро-атлантска перспектива.
Денешната група на новоименувани амбасадори беше заокружена со предавањето на копиите од акредитивните писма на амбасадорот на Кралството Данска во Република Македонија, со седиште во Белград, Н.Е. г-дин Андерс Кристиан Хоугард. Во срдечниот разговор беше повторена подготвеноста на двете земји за натамошен развој на меѓусебните односи и соработка, со посебен акцент на економската размена. Притоа, амбасадорот Хоугард ги поздрави постигнувањата на Република Македонија во делот на реформите и односите со соседите, уверувајќи дека Кралството Данска останува конзистентен поддржувач на нашите заложби за членство во ЕУ и НАТО.