Премиерот Заев на средба со претставнички од телото на ОН за родова еднаквост: Време е за конкретни практики за родова еднаквост во буџетирањето
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска оствари средба со претставнички од телото на Обединетите Нации (ОН) за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women).
Во текот на средбата беше разговарано за важноста на прашањата поврзани со родовата еднаквост при креирањето на Буџетот и чекорите кои треба да се преземат со цел планирањето на програмите и јавните финансии да одговори на потребите на жените и мажите.
Премиерот Заев на средбата истакна дека по однос на ова прашање веќе е време да се зборува за конкретни практики а не само за теоретски решенија.
Тој, потенцирајќи ја отвореноста и волјата на Владата за подобрување на родовата еднаквост во државата, истакна дека и до сега Владата прави напори за напредок во областа на родовата еднаквост и правата на жените.
Присутните министри со претставничките на телото за родова еднаквост при ОН, разменија конкретни предлог-решенија како да се воспостави траен линк помеѓу родовата еднаквост и родово одговорното буџетирање, преку алокација на неопходните ресурси за негова имплементација.
Исто така беа разгледани и можности за спроведување на родови анализи како инструмент за подобрување на потребите на мажите и жените при креирањето на буџетските политики на земјата.
На средбата, премиерот Заев и присутните министри, истакнаа дека Владата има отворена волја, да го унапреди механизмот на планирање на буџетските политики и во соработка со ОН, да се изнајдат ефикасни алатки со кои родовата компонента успешно би се инкорпорирала во стратешкото планирање на Буџетот на Република Македонија.