Премиерот Заев за Денот на Буџет: Со планирањето на Буџетот ќе се обезбедуваат услови за реално раздвижување на економијата

Со пригодна свеченост, денеска во Собранието на Република Македонија е одбележан денот на носењето на првиот Буџет на независна Република Македонија, 2 април 1992 година.

Истовремено, овој датум е прогласен за Ден на буџетот, и по тој повод Министерството за финансии ја организираше Првата годишна конференција, на која се обратија Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за финансии Драган Тевдовски, директорот на Светска банка за земјите од Западен Балкан, Европа и Централна Азија Линда Ван Гелдер, и поранешни министри за финансии на Република Македонија.

 

 

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев, истакна дека одбележувањето на овој ден, претставува силен државнички континуитет и оддавање признание за работењето на финансиските институции на државата, без разлика на политичките и објективните премрежја низ кои помина Република Македонија во изградбата на демократски институции.

„Кога ја формиравме актуелната Влада на Република Македонија, се заложивме својата работа да ја темелиме на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните“, истакна премиерот.

Претседателот на Владата нагласи дека клучните вредности на оваа Влада, транспарентноста, отчетноста и одговорноста се имплементирани и во највисокиот реформски документ - Планот 3-6-9.

„Заложбата за транспарентност и отчетност се рефлектира најдобро во управувањето со јавните финансии, особено при креирањето и спроведувањето на буџетот“, потенцираше премиерот Заев.

Заев посочи дека кога станува збор транспарентноста на буџетот и одговорно буџетско работење, како што е ветено – буџетите се и ќе бидат подготвувани во процес на широка јавна дебата. Во дебатата за Буџетот за 2018 година, како што истакна премиерот, учествуваа невладиниот сектор, експертската јавност , коморите, синдикатите, како и претставници на меѓународните финансиски партнери на РМ. Покрај јавните дебати, во насока на поголема транспарентност, за овогодинешниот буџет беше објавен и „Граѓански буџет“, а исто така изработени се „граѓански буџети“ за сите министерства посебно.

 

 

„Оваа Влада ќе остане на определбата парите на граѓаните повторно да се враќаат кон нив и кон стопанството, откако претходно ќе бидат вбризгани во проекти за унапредување на македонската економија и за подобар живот и за здравјето на граѓаните“, нагласи премиерот Заев во своето обраќање, и посочи дека Владата и понатаму ќе се стреми планирањето на буџетот да обезбедува услови за реално раздвижување на економијата преку повисоки капитални инвестиции и сериозна државна поддршка за нови инвестиции, зголемување на конкурентноста и раст на извозот.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата и тој директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија.

„Буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата. Од него зависат, на пример: платите на наставниците кои во училиштата ги учат нашите деца; опремата која се користи во јавното здравството; поддршката за вработување која им се дава на невработените; социјалната помош; поддршката за бизнисите кога отвораат работни места и инвестираат; изградбата на канализации, системи за наводнување, училишта, болници, патишта и енергетски објекти. А, секако дека од Буџетот зависат и многу други работи, кои што имаат директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија“, рече Тевдовски.

 

 

Тој се осврна на Буџетот за 2018 година, за кој рече дека ги отсликува клучните приоритети на Владата, како: економскиот раст, подигнувањето на животниот стандард и социјална правда, како и интензивирање на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ. Затоа, како што истакна Тевдовски, во буџетот за годинава зголемена е поддршката за домашните претпријатија кои отвораат работни места и инвестираат, а предвидени се и повеќе средства за капитални инвестиции, за образование, здравство и одбрана.

Но, како што посочи Тевдовски, во Македонија буџетот ќе се планира и на подолг период.

„Ние во Министерството за финансии започнавме да гледаме на подолг рок. За прв пат од независноста, Министерството за финансии, има Стратегија за реформи во системот за јавни финансии. Таа го опфаќа периодот 2018 – 2021 година и ги содржи сите значајни елементи на системот, почнувајќи од фискална транспарентност, преку воведување на среднорочно буџетирање и измени во системот на јавните набавки, па се до подобрувања во функционирањето на јавната внатрешна финансиска контрола, УЈП и Царината. Нејзина цел е среднорочно подобрување на системот на јавните финансии во насока на ЕУ стандардите“, рече Тевдовски.

 

 

Како што истакна претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, со носењето на првиот буџет на Република Македонија, и покажавме на домашната јавност, а пред сè на економските субјекти, но и на меѓународната јавност и меѓународните финансиски организации, дека како држава сме способни да испланираме и спроведеме буџет, без кој не може да се замисли ниту една функција на државата.

„Во современиот демократски свет, а пред се во рамките на Европската Унија, токму врз основа на донесувањето на буџетот и врз трошењето на буџетот се мери и вреднува демократскиот капацитет на одредена владејачка структура и воопшто степенот на демократија во една држава“, истакна Џафери.

Првиот Буџет на Република Македонија беше донесен на 2 април 1992 година. Министер за финансии кој го предложи првиот буџет беше Методија Тошевски во владата што ја предводеше Никола Кљусев, додека документот беше потпишан од тогашниот претседател на Собранието на РМ Стојан Андов и тогашниот Претседател на РМ Киро Глигоров.


Обраќање на премиерот Зоран Заев за Денот на Буџетот

Почитуван Претседател на Собранието на Република Македонија, господине Џафери,

Почитуван Министер за финансии, господине Тевдовски,

Почитувани министри,

Почитувана директорке на Светската Банка за земјите од Западен Балкан, госпоѓа Ван Гелдер

Почитувани поранешни министри за финансии,

Почитувани гости,

На почеток, дозволете ми да го изразам моето лично задоволство од поканата да учествувам на Првата годишна конференција на Министерството за финансии, по повод прогласувањето на 2 април за Ден на буџетот.

Особено ми е драго, што Министерството за финансии го избра овој датум, односно денот кога во 1992 беше донесен првиот Буџет во независна Република Македонија. Го сметам тоа за силен државнички континуитет и за оддавање признание за работењето на финансиските институции на државата, без разлика на политичките разлики и објективните премрежја низ коишто помина нашата Република Македонија во изградбата на демократските институции.

Кога ја формиравме актуелната Влада на Република Македонија, се заложивме својата работа да ја темелиме на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните.
Низа истражувања спроведени од страна на домашни и меѓународни граѓански организации, како и меѓу владини организации, нотираа дека во последните десет години, концептот на отворена влада во Република Македонија беше целосно занемарен, а транспарентноста на институциите значително запоставена.

Затоа, во рамки на својата Програма за работа и во склоп на највисокиот реформски документ Планот 3-6-9, актуелната Влада реализираше пакет активности кои недвосмислено се насочени кон транспарентност, отчетност и одговорност. Тие активности и мерки ја одразуваат заложбата за целосно спроведување на концептот отворена влада.

Од оваа темелна вредност нема отстапување, вклучително и кога станува збор за донесувањето и транспарентната реализација на еден сложен документ како што е буџетот на државата.

Транспарентноста на буџетот е фундаментална кога станува збор за одговорност на владата пред граѓаните. Прашањата на граѓаните се легитимни и треба да очекуваме да ни бидат поставени: Колку пари чини владата? Дали финансирањето на државата со парите на граѓаните е поставено на предвидливи и одржливи основи? Дали државните службеници ефикасно, мудро и добро ги користат јавните пари?

Дозволете ми да потсетам дека оваа влада се придржува и до уште еден принцип – ветувањата ги остваруваме: Дадениот збор е збор!

Кога станува збор за транспарентноста на буџетот и одговорно буџетско работење, ветивме дека буџетите ќе бидат подготвувани и донесени со процес на широка јавна дебата. И тоа пред да се влезе во владина постапка.

И така беше: Во дебатата за буџетот за 2018 година учествуваа невладиниот сектор, експертската јавност, коморите, синдикатите, како и претставници од меѓународните финансиски партнери на нашата земја.

Дадовме збор и го исполнивме: За прв пат објавивме „Граѓански буџет“ врз основа на податоци за Предлог-буџетот за 2018 година. Исто така изработени се и „Граѓански буџети“ од страна на сите министерства за нивните поединечни буџети.

„Граѓански буџет“ беше објавен и за ребалансот на Буџетот за 2017 година.

Го подобривме Полугодишниот извештај за извршување на Буџетот на Република Македонија и тој за прв пат содржи детални податоци за сите буџетски корисници.

Одиме и понатаму: Највисоките носители на јавни функции ги објавија своите лични службени трошоци, заедно со извештај за сработеното, а граѓаните наскоро ќе можат да гледаат како се троши секој денар од буџетот, од пред своите компјутери.

Министерството за финансии навистина реализираше голем број иницијативи за подобро, поефикасно и одговорно буџетско работење на сите нивоа и на сите јавни институции.

Почитувани,

Веќе е препознаено, и оваа влада ќе остане на определбата парите на граѓаните повторно да се враќаат кон нив и кон стопанството, откако претходно ќе бидат вбризгани во проекти за унапредување на македонската економија, и за подобар живот и за здравјето на граѓаните.

Како и за Буџетот за 2018 година, и понатаму ќе се стремиме планирањето на буџетот да обезбедува услови за реално раздвижување на економијата преку повисоки капитални инвестиции и сериозна државна поддршка за нови инвестиции, зголемување на конкурентноста и раст на извозот.

Секогаш ќе целиме кон што поголема реализација на капиталните инвестиции како важен сегмент за планираниот раст на економијата и за финансиска стабилност на нашата Македонија.

Така планираниот и димензиониран Буџет, истовремено ќе ги обезбедува и основните функции на државата – непречена и навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери и други трансфери кон граѓаните, буџетските корисници и другите економски субјекти.

Нашите активности во буџетските политики се следниве:

Создаваме услови за нови работни места и повисоки плати;
Инвестираме во темелите на општеството, образованието, здравството, им помагаме на сите граѓаните на кои тоа им е потребно;
Стандардите за живот на граѓаните на нашата земја ги доближуваме до стандардите на ЕУ и земјите членки и нашите партнери од НАТО.
Кратењето на непродуктивните трошоци го започнавме уште со ребалансот на Буџетот во 2017, а тоа е поизразено со Буџетот за 2018. Така ќе продолжиме и понатаму, а тие пари ќе се распределуваат за потребите на граѓаните.

Економската активност во втората половина од минатата година, откако дојде оваа Влада на власт забележи позитивни стапки. Позитивни трендови имаме и на почетокот на оваа година со висок раст на индустриското производство.

Конкретен резултат од овие трендови е надминувањето прагот од 24.000 денари на просечната плата. Делумно, тоа е и благодарение на покачувањето на минималната плата кое оваа Влада го спроведе.

Во првиот буџет кој оваа Влада целосно го креираше, издвоени се средства за повисоки плати за Армијата, здравството и образованието, но издвоени се и значителни средства за капитални инвестиции, за градење на патишта, на училишта, здравствени установи, детски градинки итн.

Наша цврста определба е да се грижиме еднакво за сите граѓани!

Врз тие принципи го креираме и спроведуваме буџетот на Република Македонија.

Почитувани,

Оваа година очекуваме понатамошно интензивирање на економскиот раст. Од политичката стабилност и од политиките за враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува раст на приватните инвестиции. Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки, придружени со очекувањата за ниска и стабилна инфлација во земјата, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка.

Понатаму, континуираниот солиден извоз од новите производствени капацитети, како и опоравувањето на традиционалните извозни сектори како резултат на зајакнатата економска активност на земјите трговски партнери, ќе придонесат за зголемување на извозот на Македонија и поголемо искористување на индустриските капацитети. Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка наредната година, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, очекуваме дека проекцијата за реалниот раст на БДП во 2018 година ќе достигне 3,2%, што е во согласност со повеќето проекции на релевантните меѓународни и домашни институции.

Македонија е во фаза на економски раст.

Благодарам!