Премиерот Заев на македонско-словенечкиот бизнис форум: Можете да остварите сериозен профит во Македонија работејќи на отворените инвестициони перспективи
Во организација на Стопанска комора на Македонија денеска се одржа македонско-словенечки бизнис форум на кој почесни гости беа премиерите на Република Македонија и Република Словенија, Зоран Заев и Миро Церар. Пред присутните деловни луѓе од двете земји се обратија и претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески и генералната директорка на Стопанска комора на Словенија, Соња Шмуц.
Во своите обраќања премиерите на двете земји изразија силни уверувања дека економската соработка и традиционалното долгогодишно пријателство помеѓу Република Македонија и Република Словенија ќе се унапредува.
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев во своето обраќање пред деловните луѓе од двете земји истакна дека пријателството меѓу Македонија и Словенија освен политичко е и деловно и граѓанско.
„Доаѓа време кога треба да го фатиме зенитот на тоа пријателство и да ги искористиме традиционалните врски на соработка кои може да донесат бенефит и за двете земји, и за Република Македонија и за Република Словенија“, порача премиерот Заев.
Премиерот Заев ги повика стопанствениците да ја унапредуваат меѓусебната соработката и да бидат дел од развојот на економските и политичките односи меѓу двете земји. Тој сподели лични искуства на соработка со словенечки фирми во периодот кога бил дел од приватниот сектор и оцени дека инвестиционата и економската соработката меѓу компании од двете земји е долгогодишна и традиционална.
„Верувам дека трговската размена меѓу двете земји може да биде многу поголема. Расте секоја година од 10 до 15 проценти, се подобрува и нашиот извоз кон Словенија но верувам дека постојат многу сериозни потенцијали. Ќе ја искористам приликата дека сум горд и на инвестицијата на Алкалоид и на инвестицијата на ИГМ во Словенија“, истакна премиерот Заев.
Претседателот на Владата на РМ Заев оцени дека словенечките компании се долги години во Македонија и споделуваат know how знаења и срдечно ги споделуваат своите искуства и во таа насока порача дека се добредојдени во Македонија и ќе добиваат еднаков третман како домашни компании.
„Верувам дека со амбиентот на приближување на Македонија во Европската Унија и НАТО се отвораат безброј перспективи не само да се зголеми трговкста размена помеѓу нашите земји туку да се отвора сериозен бизнис овде со профит, со можности да се користат европски фондови, joint ventures активности и многу други можности“ рече премиерот Заев.
Премиерот Заев ги повика словенечките и македонските компании да конкурираат на тендери од преку 270 милиони евра за изградба на патна инфраструктура за оваа година и да учествуваат во инвестиции во енергетскиот сектор.
Премиерот Заев информираше дека се водат разговори помеѓу двете влади за развој на механизам кој ќе значи развојна компонента на Словенија во Македонија, се работи за грант од 25 милиони евра и кредити од словенечките банки за проекти од екологијата и инфраструкурата, механизам кој ќе се доработи на ниво на влади, а ќе се однесува пред се за словенечките компании и за македонските компании кои традиционално соработуваат со словенечки компании.
„Јас сум убеден дека ќе го зголемиме извозот на Република Македонија кон Словенија, но и на Словенија кон Македонија. Трговската размена може само да расте и убеден сум дека голем дел од вашите компании може да оставарат сериозен профит овде во Македонија работејќи на сите отворени перспективи и проекти.“ им порача премиерот на Република Македонија Зоран Заев на присутните стопанственици во рамки на македонско – словенечкиот бизнис форум во организација на Стопанска комора на Македонија.
„Важно е пријателството помеѓу Македонија и Словенија да го градиме секојдневно преку политички и деловни односи, соработка во областа на економијата, преку културата, науката и сите други области во кои соработуваме и уште поинтензивно ќе соработуваме како две пријателски држави“, истакна словенечкиот премиер Церар.
Премиерот Церар порача дека радува фактот што Република Македонија го избра патот на евро атлантски интеграции, за што оцени дека претставува гаранција за долгорочна економска и политичка стабилност на земјата.
За економска стабилност на земјите премиерот Церар рече дека е важно Владите да обезбедат политичка стабилност, посебно земјите од Западен Балкан.
„Ме радува што Владата на Република Македонија како и Владата на Република Словенија гарантираат политичка стабилност. Во Македонија тој процес почна, во Словенија веќе трае откако го презедов раководењето на Владата. Задачата на Владата е и да создадеме добри услови за работа, да ги отстраниме административните препреки, да водиме даночна политика, да обезбедиме добра инфраструктура, да поддржиме развој на наука и образование, развој на стопанството, квалитетно правосудство. Политиката мора да гарантира и безбедност“, рече премиерот на Република Словенија, Миро Церар.
Премиерот Церар во своето обраќање оцени дека двете земји се насочени кон иднината и развој на општествата преку нивна модернизација, но сепак тој посочи дека фокусот треба да биде насочен кон човекот и неговите потреби. Во тааа насока тој дополни дека важно е двете земји да го зачуваат епитетот на зелени земји и да се гради високо ниво на еколошка свест во реализација на проекти од енергетиката и инфраструктурата.
„Радува фактот што владите на двете земји се отворени. Ние како мали државни мора да се отвориме кон други пазари, да ја потткинуваме конкурентноста и извозот, а притоа да не ја заборавиме безбедноста. Слободата и отвореноста секогаш треба да бидат во рамнотежа со безбедноста“ посочи премиерот Церар.
Во однос на понатамошно интезивирање на економската соработка премиерот Церар рече дека постојат потенцијали во повеќе области како што се енергетиката, прехрамбената индустрија, туризмот, инфраструктурата.
„Словенија ќе ја поддржува Македонија на патот кон евроатланстките интеграции. Ќе си помагаме и ќе го јакнеме пријателството“ оцени на крајот од своето обраќање премиерот на Република Словенија, Миро Церар.