Царовска во Валандово: Годинава ќе се изгради нова градинка во село Брајковци
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ја посети општина Валандово на покана на градоначалникот Перо Костадинов, кој ги презентираше проектите од областа на детска и социјална заштита за 2018 година.
Покрај реконструкцијата на засега единствената валандовска градинка ,,Калинка’’, со цел објектот да стане енергетски ефикасен, општината годинава ќе добие и нова градинка, лоцирана во село Брајковци.
Министерката Царовска посочи дека МТСП во Буџетот за 2018 година обезбеди средства за новиот објект во Брајковци, во износ од 8.600.000,00 денари за градежни работи и средства за набавка на опрема во износ од 1.450.000,00 денари. Според предвидената динамика, градинката треба да биде изградена до септември 2018 година. Објектот ќе биде со капацитет за 40 деца, а ќе го користат граѓаните и од соседните населени места. Ова е чекор кон овозможување подеднакви услови за сите деца и поддршка за родителите кои се занимаваат со земјоделска дејност, а во насока на постигнување рамномерен регионален развој.
Министерката ги поздрави напорите на градоначалникот и неговиот тим за подобрување на условите и опфатот на деца во предучилишни установи, што е една од програмските цели на Владата, како и креирањето на Општинскиот солидарен фонд.
Царовска и Костадинов беа и во кратка обиколка на Дневниот центар за деца со попреченост и Центарот за социјални работи во Валандово.