Средба на премиерот Заев со делегација од Бундестагот: Сојузна Република Германија дава поддршка на започнатите реформи и на решение за спорот, се отвораат перспективи за Република Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со делегација од Бундестагот на Сојузна Република Германија, предводена од Гунтер Крихбаум, претседавач на Комисијата за европски прашања во Бундестагот, придружувани од амбасадорот на Германија во Македонија, Томас Герберих.
Претседавачот Крихбаум и пратениците од Бундестагот пренесоа порака на охрабрување од Сојузна Република Германија, за важните чекори што ги презема Република Македонија во реформскиот процес и во надминувањето на билатералните прашања, што ќе ги отворат перспективите на државата. Претставниците на германскиот Бундестаг изразија поддршка на почетокот на носењето на реформските закони во Парламентот, како и на разговорите помеѓу шефовите на дипломатиите на Република Македонија и на Република Грција во Охрид во насока на изнаоѓање решение на прашањето што стои на патот на интеграциите на државата.
Претседавачот со Комисијата за европски прашања во Бундестагот, Крихбаум, оцени дека е добро што Република Македонија ја предводи Влада насочена кон реализација на стратешките евро-атлантски цели, коишто, како што беше посочено, ќе значат и нови инвестиции во земјава, а со тоа и нови работни места, економски развој и квалитетен живот на граѓаните во Македонија.
„Почнуваме со носењето на реформските закони значајни за обезбедување независно судство, владеење на правото, професионални медиуми, или општо земено, со пакетот реформски закони, направени според препораките на Европската комисија и експертската група на Рајнхард Прибе. Низ инклузивните политики, нашата цел е да обезбедиме функционални институции во служба на сите граѓани. Исто така, од министерската средба во Охрид очекувам потврда на напредокот во разговорите, низ коишто верувам дека сме на пат да го решиме долгогодишниот спор. Интеграциите во ЕУ и НАТО за Република Македонија се стабилност, безбедност и економски развој. Веруваме во демократските и во европските вредности, ги решаваме отворените предизвици и поради тоа очекуваме напредок во 2018 година во евро-атлантските интеграции“, рече премиерот Заев.
На средбата се разговараше и за отворените можности за унапредување на соработката меѓу бизнис заедниците на државите, во здравството, како и во други области значајни за граѓаните.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев, се заблагодари на Сојузна Република Германија и на канцеларката Ангела Меркел за поддршката на принципиелно ниво и за стратешкото партнерство, низ коишто го помагаат развојот на Република Македонија.