Министерот Спасовски: Ги враќаме позорникарите на подрачјето на СВР Битола
Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Битола е стабилна и се бележи намалување на криминалитетот, рече министерот Оливер Спасовски во изјавата за медиумите по денешната посета на СВР Битола, ПС Ресен и ПС Прилеп и средбите со градоначалниците Наташа Петровска, Живко Гошаревски и Илија Јованоски. Според министерот Спасовски таква е состојбата и на ниво на цела држава, а се бележи зголемување на кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и тоа за 111 проценти, податок кој треба да биде јасна порака за сите функционери во оваа држава.
„Дел од стратегијата на ова раководство на МВР е кога ги посетуваме полициските станици да разговараме и со локалната самоуправа и заеднички да ја вратиме врската меѓу граѓанинот и полицијата. Денеска разговаравме за неколку теми. Едната е давањето насоки за воспоставување на позорната служба односно маалскиот полицаец на подрачјето на СВР Битола. Втората е активирање на советите за превенција со конкретен акционен план за посета на сите месни заедници во општините заедно со припадници на МВР, да се разговара за проблемите на граѓаните и на тој начин да придонесеме за враќање на довербата во полицијата кај граѓаните“, рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски потенцира дека еден од приоритетите кој ќе се реализира во соработка со локалната самоуправа е средување на состојбите во сообраќајот во градовите.
На средбата со градоначалникот на Прилеп, министерот Спасовски му врачи плакета како благодарност за соработката во проектот за изградба на ИКТ центарот во Прилеп.
„Сакам да изразам благодарност до градоначалникот на Прилеп и до Советот на општината, кои не ослободија од комуналии за градба на ИКТ центарот во Прилеп, витален објект од областа на безбедноста“, рече Спасовски.