Денеска на 1 мај, Меѓународниот ден на трудот во Владата на Република Македонија се одржа 11-та седница на Економско социјалниот совет на којашто почесен гостин беше Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
На денешната седница се дебатираше за мерките на поддршка за мали средни и микро претпријатија обезбедени во третиот столб од Планот за економски раст, а се презентираше и нова мерка за поддршка на раст на платите до 18.000 денари во трудоинтензивните фирми.
Претседателката на Економско социјалниот совет, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ја отвори седницата со пораката дека квалитетот на одлуките коишто се однесуваат на социо-економските политики е секогаш подобар кога се носат низ дебата со повеќе општествени чинители.
Свое обраќање пред присутните членови на Економско социјалниот совет имаше и премиерот Заев кој ја истакна важноста на дијалогот и аспектите кои упатуваат на тоа да се обезбеди фер распределба на доходот во нашето општетсво и оцени дека тој дијалог го обезбедува Економско социјалниот совет.
На самиот почеток на седницата беа презентирани мерките на поддршка обезбедени во третиот столб од Планот за економски раст, а се однесуваат за раст на конкурентоста на малите, средни и микро претпријатија за кој се Обезбедени се 3 милиони евра буџетски средства.
На презентацијата беше заклучено дека критериумите определени во овие мерки од третиот столб овозможуваат широк пристап и сите компании можат да аплицираат по мерките за поддршка на технолошкиот развој и иновативноста.
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев во своето обраќање пред членовите на Економско социјалниот совет потенцираше дека мерките за поддршка на инвестициите беа носени низ заеднички дијалог со коморите, синдикатите и Владата. Тој оцени дека среќни и мотивирани работници може да донесат успех и напредок на компаниите.
Вицепремиерот Анѓушев ги повика фирмите да аплицираат по мерките, да се охрабрат да влезат во нови инвестиции, а како што рече државните инситуции мора да им служат единствено како сервис во реализација на плановите и имплементација и користењето на мерките.
Втора точка на којашто се дискутираше на седницата на Економско социјалниот совет беше мерката за финансиска поддршка на пораст на платите до 18.000 денари во трудоинтензивните дејности.
За оваа мерка беше оценето дека претставува дополнително придвижување на спиралата на севкупниот пораст на платите и значаебн поттик од државата за оние фирми остваруваат помал профит да се вклучат кон политиките на севкупен пораст на платите.