Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев присуствуваше на свеченото отворање на вториот производствен капацитет на компанијата Антура МК во Кочани. Во своето обраќање Вицепремиерот Анѓушев истакна дека мерките од Планот за економски раст ги даваат посакуваните резултати.
Антура МК е посакуван партнер на македонската економија според сите пропозиции и принципи на работа, потенцираше Вицепремиерот во своето обраќање.
„Ова не е нова инвестиција којашто првпат дошла од Холандија во Македонија, ова не е прв погон на Антура МК во Кочани, туку е втор, што значи и кажува дека компанијата Антура МК препознала дека во Македонија може да има партнер за развој на својот бизнис. Сакам да ги охрабрам Антура МК и сите останати компании да го препознаат потенцијалот на Република Македонија, посебно потенцијалот на Владата да им помогне во нивните инвестиции. Една од најважните работи за секој инвеститор е сигурноста за неговиот капитал и предвидливоста. Во таа смисла инвестиционата поддршка којашто Владата ја прави за сите економски оператори во Република Македонија ја преточивме во закон и Антура МК ќе биде една од првите компании корисници на поволности од овој закон за сè што инвестирале во 2017 година, а се надевам дека ќе ги охрабри да инвестираат и понатаму. Ве охрабрувам на соработка со македонските компании и ви посакувам добри финансиски резултати, а кога вие ќе ги имате и ние како држава ќе бидеме среќни и вашите вработени ќе бидат среќни, затоа што вие тоа со нив ќе го споделите“, истакна Вицепремиерот.
Целокупното производство на Антура МК е наменето за извоз со што уште еднаш се потврдува значењето на компанијата за промовирање на Македонија како земја поволна за инвестирање. Антура МК користи високо софистицирана технологија на производство за што е ангажиран професионален и обучен кадар.
„Антура МК е компанија којашто доаѓа од Холандија, земја каде што акционерството е измислено и се надевам дека таквиот претприемачки дух, којшто холандскиот народ го има и таквата напредна технологија којашто холандската држава ја користи ќе биде пренесена во Република Македонија и ќе се преточи со поголема соработка со македонските компании за што имаме предвидено мерки за стимулации во нашиот закон“, потенцираше Заменик претседателот, Анѓушев.
Создавањето на поволна бизнис клима започнува од обезбедување на конкурентен пазар за сите учесници и со еднакви услови. Компанијата Антура МК е холандска инвестиција којашто работи во Македонија од 2014 годинa, но заради поволностите што оваа Влада ги создава за инвеститорите во земјата, Антура МК го отвора својот втор производствен погон и со тоа го проширува и продолжува своето работење тука на подолг период.
Вкупната инвестиција во досегашниот тек изнесува 15 милиони евра, од кои во прва фаза се 6 милиони евра и во втора, 9 милиони евра. Моментално во Антура МК работат 440 лица, а до 2020 година планирано е бројот на вработени да се искачи на 700 лица. Инвестирањето во проширување и унапредување на процесите ќе продолжи и во иднина.