Од 67-мата седница на Владата на РМ: Отпочнаа подготовките за втората фаза од Спогодбата за асоцијација и стабилизација; Владата му предлага на Собранието укинување на ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци

Владата на Република Македонија на денешната 67-ма седница ја разгледа и усвои Информацијата околу новите моменти за премин во втора фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) меѓу Република Македонија и Европската Унија, и го задолжи Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, д-р Бујар Османи, да ги координира релевантните институции во подготовките на позициите на Република Македонија по соодветните одредби од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) поврзани со преминот во втората фаза и истите да и ги предложи на Владата веднаш по одржувањето на следниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. Со оваа одлука на Владата на РМ, се задолжуваат надлежните министерства и другите органи на државна управа кои се засегнати со преминот во втората фаза на ССА, да направат анализа и да дадат најнов пресек и статус на соодветните одредби, и за истото да го информираат Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 11 мај 2018 година.

Оваа одлука на Владата на РМ доаѓа врз основа на вербалната нота доставена од страна на Канцеларијата за врски на Република Грција до Министерството за надворешни работи, на 23.02.2018 г. во која се информира дека Република Грција нема резерви во однос на преминот на Република Македонија во втора фаза на ССА.

 

На оваа седница Владата на РМ донесе одлука за решение за исплата на паричен надоместок и обезбедување на здравствено осигурување за последните месеци, на вработените во компанијата Еурокомпозит од Прилеп.

 

Министрите во владата на денешната седница го прифатија предлогот за измени и дополнувања на Законот за трговија на предлог на Министерството за економија. Целта на Предлогот за измени и дополнувања на Законот за трговија е укинување на ограничувањата на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и на малопродажните објекти во кои тоа беше забрането со законот од 2008 година.

Основните решенија на Предлог законот кој ќе биде доставен на усвојување во Собранието на РМ предвидуваат продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и понатаму да се врши во лиценцирани продажни објекти, но при тоа нема да се бараат посебни услови во продажниот објект за продажба на алкохолни пијалаци, ниту ќе се ограничуваат малопродажните објекти во кои истата ќе се врши, односно ќе се дозволи продажбата на истите и во киосците. Исто така со Предлогот на закон не се ограничува времето за продажба на алкохолни пијалаци во малопродажните објекти во трговијата.

 

Министерството за економија предложи, а Владата на Република Македонија ја усвои одлуката за времено укинување на увозната давачка-специфичната и царинската стапка по вредност за замрзнато свинско месо и други производи од свинско.

Предлогот се однесува на временски период од шест месеци, а количините се утврдени на ниво од 50% од утврдените потреби за суровини на домашната индустрија, од страна на Стопанската комора на Република Македонија, Групацијата за производство на месо и преработки од месо, врз основа на фактурираната и наплатена реализација во претходната година.

Со оваа предлог одлука се очекува да се зголеми конкурентноста на домашната индустрија на преработки од месо, а со тоа да се зголеми производството и извозот на преработки од месо и да се зголеми бројот на вработени во домашната индустрија за месо.

 

Владата денеска ја разгледа и ја усвои Информацијата за продолжување на крајниот рок за користење на средствата од заемот обезбеден од Европската инвестициона банка (ЕИБ) за проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“, и ги задолжи Министерството за финансии во соработка со Министерството за транспорт и врски, во рок од 2 месеци да достави барање до ЕИБ за обезбедување на нов, дополнителен заем во износ од 50.000.000,00 евра за проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“.

 

На денешната седница Владата на Република Македонија го разгледа и го усвои Извештајот за моменталната состојба на железничката делница Бељаковце - Крива Паланка од железничкиот Коридор 8, и го задолжи ЈП МЖ Инфраструктура-Скопје да ги преземе сите активности за ретендерирање и за најбрзо реализирање на оваа активност.

 

Владата ја разгледа Информацијата за утврдување на мерки за времено згрижување на затекнатите лица под Кале и го задолжи Министерството за труд и социјална политика преку ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, да продолжи со активностите за згрижените лица затекнати под Кале, согласно мапирањето на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, во објекти што ги користи ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје, врз основа на претходна согласност на лицето, најдоцна до јуни 2018 година.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика во рамките на предвидениот буџет за 2018 година ќе продолжи да ангажира стручни лица од граѓанските организации за реализација на предвидените активности за лицата затекнати под Кале до нивно целосно интегрирање.

 

На предлог на Министерството за здравство Владата донесе Одлука за спојување на јавните здравствени установи Здравствен дом Дебар и Општата болница Дебар во Јавна здравствена установа Општа болница со проширена дејност-Дебар.

 

Владата на Република Македонија денеска ја разгледа и усвои Програмата за одбележување на јубилејот „1000 години од формирањето на Охридската Архиепископија“, чии активности ќе започнат на 28 мај.

 

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од алтернативно финансирање за реализација на изградбата на дистрибутивната гасоводна мрежа во Република Македонија и го задолжи Министерството за финансии да ја информира Владата за можностите за финансирање за реализација на изградбата на секундарниот дистрибутивен гасовод во Република Македонија.

 

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потпишувањето на заедничка декларацијата за намери од страна на шефовите на владите на Република Бугарија и Република Македонија за овозможување на спојување на ден однапред пазарите на електрична енергија во Бугарија и Македонија, како и Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на Република Бугарија за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија, со нацрт - текст на Меморандумот.

Ова е втората и последна фаза од претходно донесената одлука на Владата на РМ за соработка на пазарот со електрична енергија со Република Бугарија со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности и прекугранична трговија за постигнување на ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги.