Брифинг на министерката за одбрана Радмила Шекеринска за амбасадорите на земјите членки на НАТО околу напредокот во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги запозна амбасадорите на земјите членки на НАТО во Македонија со напредокот во изработката на клучниот стратешки документ во одбраната, Стратегискиот одбранбен преглед.

Последниот Стратегиски одбранбен преглед беше донесен пред 14 години. Министерството за одбрана се обврза новиот документ да биде донесен до крајот на јуни. Неговата изработка навлезе во завршна фаза.

„Нашата цел е да имаме мала, модерна и флексибилна Армија која ќе го има своето место во НАТО. Ги проценивме новите безбедносни ризици и предложивме реформи во Армијата и во министерството. Со зголемувањето на буџетот за одбраната отворивме можност за отпочнување на реформите. Процесот на изработката на Стратегискиот одбранбен преглед за кој имавме кусо време, е успешен поради квалитетниот тим кој на него работеше, поради поддршката од НАТО и сојузниците и инклузивноста во процесот. Благодарни сме за поддршката од владите на САД и Велика Британија кои испратија советници кои помогнаа во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед, како и на НАТО канцеларијата во Скопје и на другите земји членки кои го дадоа својот придонес. Инклузивниот процес во изработката на СОП е од огромно значење за да имаме ефикасна имплементација на реформите“, рече министерката.

Министерката Шекеринска рече дека се очекува Владата да го усвои Стратегискиот одбранбен преглед пред Самитот на НАТО, и ги повика амбасадорите на земјите членки на НАТО да придонесат со своите совети во имплементацијата на СОП, кој ќе постави основа за долгорочен план за развој и модернизација на Армијата на Република Македонија.

Министерката го изрази очекувањето на Владата за поддршка за Македонија на претстојниот Самит на НАТО.

Американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека може да посведочи за вредната работа на компетентни лица од министерството и Армијата, во соработка со американските и британските експерти. Британскиот амбасадор Чарлс Гарет се обрати до своите колеги, повикувајќи ги дека доколку сакаат да имаат конструктивна соработка со Македонија која ќе има резултат – ова е можноста. Тој рече дека реформите во одбраната се важни не само за Македонија и регионот туку и за колективната безбедност.