Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи заедно со Министерот за економија Крешник Бектеши, во рамките на дводневната работна посета на Брисел остварија средба со Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и Потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини.
На средбата Вицепремиерот Османи ја информираше Потпретседателката за новиот реформски План 18, со кој Македонија останува посветена на реформскиот процес и по добивањето на препораката и позитивниот извештај на Европската Комисија. „Планот 3-6-9 создаде солидна основа и подготовка за имплементација на суштинските и долгорочните реформи во насока на приближување на нашето општество со европското, при што, Планот 18 претставува логично продолжение на реформската агенда на Владата за системска координација и следење на имплементацијата на овие реформи, сѐ до почетокот на преговорите“ – истакна Османи.
На средбата Османи информираше и за остварениот напредокот во односите меѓу Република Македонија и Република Грција, изразувајќи притоа задоволство од постигнатиот напредок во затоплувањето на односите, имплементацијата на мерките за градење доверба, деескалација на политичките несогласувања, но и задоволство од напредокот во разговорите околу спорот за името.
„Имаме сериозен напредок и како никогаш порано двете земји не биле поблиску до решение. Наредните часови можат да бидат клучни за исходот од преговорите и се надевам дека евентуално позитивниот исход ќе создаде атмосфера за продлабочување на односите меѓу Македонија и Грција, како и услови за забрзано продлабочување на евроатланската перспектива на Македонија “ – додаде Османи.
На крајот од средбата Вицепремиерот Османи ги изрази своите очекувања дека постигнатиот напредок во имплементацијата на реформите, но и во отстранувањето на политичките пречки, ќе биде соодветно валоризиран на претстојните Самити на Унијата на крајот на месецов со што ќе се запечати европската иднината на Македонија, но и евроатланската ориентација на сите земји од Западен Балкан.