МИОА Манчевски за Законот за АВМУ: Апелирам за поддршка и побрзо откочување на реформите во медиумската сфера 

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денес одржа прес-конференција во Владата на РМ на која информираше за процесот на усвојување на Законот за АВМУ. 

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на министерот Манчевски во целост: 

Веќе четири месеци опозицијата, со бескрајни дебати по однос на поднесените амандмани, го кочи усвојувањето на ЗАВМУ. Се одржаа само 6 седници на Комисијата за транспорт и врски. Успеавме да поминеме само 7 амадмани, а ни остануваат уште 67. Со оваа динамика законот ќе биде усвоен за 2 и пол години.

Содржината на амандманите е уште позагрижувачка. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се против јавна расправа, односно јавно претставување на кандидатите за членови на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТВ. Да се биде против транспарентност и јавност во изборот на независни регулаторни тела е да се биде против основните демократски вредности и слободата на медиуми. Тоа нема да го дозволиме. Никогаш повеќе нема да дозволиме политичарите да се пазарат зад затворени врати, а граѓаните да дознаваат за одлуките, откако тие веќе ќе бидат донесени.  

Друг пример. Во измените на законот предлагаме задолжителната програма на МРТВ од домашна продукција да се намали од сегашните 50% на 40%. Во амандманите ВМРО-ДПМНЕ бара и намалување и зголемување. Предлагаат од 30% до 70%, во седум различни амадмани. Ова ја покажува крајната несериозност на опозицијата.

Целта на ВМРО-ДПМНЕ е по секоја цена да го продолжи мандатот на актуелните раководства на МРТВ и АВМУ. Оние кои нѐ доведоа до медиумската темница која владееше во Македонија до пред една година. Особено аларматна е состојбата во МРТВ. Националниот радиодифузер е презадолжен, со застарена опрема, без услови за работа на вработените, без никаков рејтинг и доверба кај граѓаните. Наместо да побараат одговорност од раководството, опозицијата сака да продолжи ваквата состојба.

Дополнителен проблем е тоа што и голем дел од членовите на Советот и на АВМУ и МРТВ се партиски членови, сегашни и поранешни високи партиски функционери, советници во кабинетот на Никола Груевски. Во овие тела владее непотизам и партизираност, под сите критериуми и меѓународни стандарди.

Ако сакаме реформи во медиумската сфера, потребна ни е поддршката од граѓаните и медиумите. Затоа ве повикувам будно да го следите процесот и активно да бидете вклучени. Ја повикувам и опозицијата да заборави на партиските игри и да го стави интересот на граѓаните на прво место. Апелирам, Комисијата за транспорт и врски во Собранието, со која претседава ВМРО-ДПМНЕ, да работи секојдневно, ако треба и без прекин за да се помине дискусијата по амандманите на ЗАВМУ.

Македонија веќе е препознаена како светла точка со реформите кои ги правиме во медиумската сфера. Тоа мораме сите заедно да го оправдаме. Нема да дозволиме Македонија никогаш повеќе да биде оценета како неслободна држава каде медиумите работат под притисок, уцени и страв.

Регулаторните тела и МРТВ треба да се остават на медиумските работници. Медиумите треба да се остават на медиумските работници. Во тоа силно веруваме и нема да се откажеме од таа цел.

Еднаш и засекогаш политиката мора да ги тргне рацете од медиумите. Овој предлог закон ни ја дава таа шанса и мораме да ја искористиме.