Од 72 седница на Владата на РМ: Се подготвуваат измени во законите за спречување перење пари и за трговски друштва за намалување на можностите за даночно затајување; Стартува проектот пливачки базени; Дуално образование од учебната 2018-2019 година

На денешната редовна 72 седница Владата на Република Македонија го утврди новиот текст на Предлог - законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Целта на предложениот закон е негово усогласување со одредбите од 4-та ЕУ Директива за спречување на употребата на финансискиот систем за перење пари и финансирање на тероризам од 2015 година.

Согласно оваа директива, меѓу другото, се прецизираат и усогласуваат одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици и се предвидува воспоставување на регистар на вистински сопственици во рамки на Централниот регистар на РМ. Со тоа се предвидува обврска за правните лица да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот на вистински сопственици податоците за нивните вистински сопственици, и се намалува износот на забраната за вршење на готовински плаќања од 15.000 евра на 2.000 евра.

Владата денеска го утврди новиот текст на Предлог - законот за изменување на Законот за трговскитe друштва, во кој се предвидува да се изврши бришење на одредбите за тајни друштва од Законот за трговските друштва за да се зголеми транспарентноста во правниот промет и да се намалат можностите за даночно затајување. На овој начин и со отстранување на оваа форма од правниот промет, Република Македонија ќе ја задржи оцената за размена на информации по барање на даночни цели и истата ќе има позитивно влијание и во однос на скрининг мисијата на работната група при Советот на ЕУ, која ја креира листата на некооперативни јурисдикции за даночни цели.

Министрите во Владата на Република Македонија ја разгледаа и усвоија Информацијата за потребата за изградба на пливачки базени од „Проектот пливачки базени“, и ја задолжија Агенцијата за млади и спорт, да преземе активности за реализација на проектот во координација со останатите надлежни министерства и со локалната самоуправа.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од продолжување на рокот за повлекување на парични средства од Договорот за заем (кредит) склучен помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Експорт Импорт банка од Кина од 08.01.2014 година и ПБЦ од 02.01.2014 година, за да биде продолжен и усогласен со новодоговорениот рок за извршување на работите со изведувачот на изградба на автопатот Кичево-Охрид.

Владата го усвои новиот текст на Информацијата со Анализа на рангот на Република Македонија кај индикаторот „Услови за прекугранично тргување” со предлог-мерки за подобрување на состојбите согласно препораките на извештајот Doing Business 2018 на Светска Банка.

На денешната седница е разгледана и усвоена Информацијата за извршена компаративна анализа во однос на надлежноста за управување со имот опфатен со финансиска мерка, и е задолжено Министерството за правда, во соработка со Агенцијата за управување со одземен имот, да изготви Предлог – Закон за изменување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка и во определен рок да го достави до Владата на Република Македонија.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за текот на подготовката на Проектот за унапредување на социјалните услуги и да го задолжи Министерството за финансии да ја подготви и да ја достави до Светска банка Апликацијата за избор на услови за обезбедување на заем од Светска банка за Проектот за унапредување на социјалните услуги.

На оваа 72 седница на Владата на РМ, е разгледана и Информацијата за реализација на активности за воведување дуално стручно образование во средните стручни училишта,  Министерството за образование и наука е задолжено да ја извести Владата за реализација на активностите за воведување дуално стручно образование од учебната 2018-2019 година, најдоцна до 15 август 2018 година.

Владата го разгледа Извештајот за работа на Инспекциски совет и Информацијата за работа на инспекциските служби за прв квартал за 2018 година, и препорача формирање на работна група која треба да предложи мерки за зајакнување на капацитетите и за рационализација на инспекциските служби согласно препораките на извештаите на Европската Комисија.

Владините министри денeска ја разгледаа Информацијата за прогресот и реализацијата на проектот „Надградба на објектите за царинење и инспекциски органи на граничниот премин Ќафасан, како и Информацијата за напредокот на проектот за модернизација на железничка линија Табановце-Гевгелија кој предвидува воведување на Европскиот систем за контрола на возовите ETCS ниво 1 по должината на железничкиот Коридор 10 и подобрување на сигнализацијата на целата мрежа во Република Македонија и инсталирање на глобален систем за мобилна комуникација во железница GSM-R.