Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски одржаа прес конференција на која презентираа прелиминарни податоци за апликациите од малите и средни компании доставени на првиот јавен повик за мерките од третиот столб на Планот за економски раст.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека интересот за аплицирање на првиот јавен повик е исклучително висок и дека со тоа се докажа дека микро, малите и средни компании ги препознаа мерките како исклучително атрактивни и се врати ентузијазмот кај младите луѓе за инвестирање.
„Примени се вкупно 236 апликации, од кои дури 88%, односно 208 апликации се за иновативни проекти, со што се покажува дека Македонија има иновативни и креативни луѓе, а ние како Влада сме задоволни што можеме да ги поддржиме овие млади лица да ги реализираат своите бизнис идеи. Најголемиот дел од апликациите кои се пристигнати, или околу 84% се пристигнати од микро и мали компании, за кои всушност мерките се и дизајнирани. Проекти има од сите градови во Република Македонија, додека ако анализираме преку гранки, најбројни се апликациите од ИТ индустријата, што значи дека се следат светските трендови, односно најмногу апликации има во дејноста од која може да се добие и највисока додадена вредност. Вкупната вредност на поднесените проекти изнесува околу 51 милиони евра, од кои околу 15 милиони евра се учество на компаниите во проектите“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.
Директорот на ФИТР Деспотовски потстети дека јавниот повик беше отворен на 27 април, компаниите можеа да аплицираат се до 11 јуни, а покажа исклучително задоволство од бројот на пристигнатите апликации.
„Бројот на доставени проекти ги надмина сите наши најоптимистички очекувања. Износот кој компаниите го побаруваат само во првиот јавен повик е за 11 пати повисок од буџетот предвиден за првиот јавен повик, односно 3,5 пати повисок од вкупно планираниот буџет за оваа активност за 2018 година. Со ова се покажува апетитот на компаниите за ваков тип на финансиска поддршка, но и дека со правилни мерки компаниите се подготвени да инвестираат и сопствени средства. Најголемиот дел од апликациите се во делот за развој за иновации, а токму преку иновациите очекуваме забрзување на економскиот раст“, посочи Деспотовски.
Анализата на доставените проекти покажува дека за реализација на овие проекти се потребни вкупно 1323 работни места, од кои 342 се нови работи места во компаниите, а износот на просечна плата по вработен е 43.370 денари. Веќе од понеделник почнува евалуација на пристигнатите проекти која ќе се одвива во две фази, а по завршување на евалуациите ќе се донесе одлука колку компании ќе бидат поддржани преку мерките од Планот за економски раст.
Целата презентација може да ја преземете на овој линк.