Министерот Бектеши: Модерна индустриска стратегија за Република Македонија - клучна економска основа на земјава во преговорите за пристапување со ЕУ

„На завршницата на еден убав проект кој се одвиваше во последнава година - Ревизија на индустриската политика 2009-2020 - финансиран од Делегацијата на ЕУ и имплементиран од Министерството за економија,  денеска ќе ја претставиме Индустриската стратегија, како важен нов документ кој произлезе од проектот. Стратегијата е во согласност со принципите на европските добри практики и е клучна економска основа на земјава во преговорите за пристапување со ЕУ. Фокусот во стратегијата е ставен на производствениот сектор, а во документот се интегрирани мерките од  Планот за економски раст и предложени се нови мерки, бидејќи бизнис секторот и нивниот развој е секогаш во нашиот фокус!“, рече Бектеши во своео обраќање на настанот на кој беа претставени компонентите на проектот, чиј главен исход беше преглед на тековната индустриска политика и подготовка на модерна индустриска стратегија до 2027 година и акционен план до 2020 година. 

Како илустрација за значењето на индустрсикиот сектор, министерот Бектеши спомена дека преработувачката индустрија  во Република Македонија е од огромно значење и учествува со 12,2% во БДП (2016 година), вработува 19% и учествува со 10% во бројот на активни компании, а најголем дел од извозот или 87% од извозот се креира кај компаниите од индустријата. Речиси 40% од вкупните странски инвестиции во државата се во преработувачката индустрија, од кои 75% се концетрирани во 3 сектори и тоа: транспорт и опрема; основни и преработени материјали и преработка на храна.

„Целта на Индустриската стратегија е да се промовира индустријализацијата преку стимулирање на растот и развојот на производствениот сектор, затоа што само така ќе се зголеми продуктивноста, ќе се создадат добри работни места, ќе се зголемат приходите и ќе се зајакне човечкиот капитал", истакна Бектеши.

Стратегијата има пет цели, и тоа: зајакнување на базата на преработувачката индустрија; подигнување на продуктивноста во производството, иновациите и трансферот на технологии; катализирање на зелената индустрија и зеленото производство; стимулирање на извозот на производството; изградба на сектор за учење за производство.

Притоа, постои силно образложение за ставање на фокусот на преработувачкиот сектор. Ова е во согласност со новиот план за економски раст на Владата, кој во текот на пет години ќе додели државни средства за производствениот сектор во износ од 150 милиони евра, како и големите напори направени за успешно привлекување странски директни инвестиции во технолошките и индустриските развојни зони (ТИРЗ), со што се подигна профилот и имиџот на Република Македонија, а истовремено се спротивстави и на трендот на деиндустријализација, забележан во соседните земји.

Според раководителот на секторот за соработка во рами на Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини, она што државата го правеше последните десет години не беше добро. „Нема да има конкурентност со субвенции. Субвенциите ја влечат економијата надолу. 
Конкурентноста почнува да се развива кога бизнисот лежи на здрави основи“, порача тој, укажувајќи дека еден од поголемите проблеми со кои се соочува македонската економија е недостигот на соодветно едуциран, млад кадар и додавајќи дека Индустриската стратегија што произлезе од проектот, претставува добра појдовна основа. 

Софче Јовановска, советник во Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев, подвлече дека ако македонските компании сакаат да обезбедат раст, мора да извезуват.

Покрај стратегијата, подготвен е и Акционен план за периодот 2018-2020. Инаку проектот „Ревизија на индустриската политика 2009-2020“, е имплементиран од Министерството за економија преку Pinto Consulting GmbH, дел од Pohl Consulting Consortium.