Премиерот Заев и владина делегација ќе учествуваат на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес) во Лондон

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и владина делегација во состав Бујар Османи, Заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, и Никола Димитров, министер за надворешни работи, денеска и утре учествуваат на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што овој пат се одржува во Лондон.

Централните настани на ова издание на Самитот ЕУ-Западен Балкан започнуваат утре со приемот на премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј за шефовите на делегациите на земјите членки на Берлинскиот процес, и на земјите членки на ЕУ присутни на самитот, како и за претставниците на Европската Комисија.

Како воведна програма на Самитот се одржуваат уште три работни програми на министерско ниво. Работна програма на тема економија која се одржа на 4 јули во Виена, а на неа учествуваше вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Работна програма за безбедност која се одржува денес во Лондон на која учествува МВР Оливер Спасовски. Работна програма за надворешна политика, билатерални спорови и наследство од минатото која се одржува денес во Лондон на која учествува МНР Никола Димитров.

Премиерот Заев во текот на првиот работен ден ќе присуствува и на работниот ручек за шефовите на делегациите и на директорите на Европската инвестициона банка, на Европската банка за обнова и развој, на претставниците на Регионалниот совет за соработка на земјите од Западен Балкан, како и на претставниците на Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите.

Темата на работната сесија на ручекот, под раковдство на премиерката Тереза Меј е економијата и регионалната соработка, со воведно излагање на еврокомесарот за соседска политика и за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев е поканет да се обрати на панелот на тема „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, со кој ќе претседава британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон.

Премиерот Заев ќе учествува и во работата на пленарната сесија водена од британската премиерка Тереза Меј, на која ќе бидат презентирани плановите за Самитот во Варшава во 2019 година.

На оваа пленарна сесија пред присутните ќе се обратат полскиот премиер Матеуш Моравјецки, како и Канцеларката  на СР Германија Ангела Меркел и еврокомесарот Јоханес Хан, кои ќе говорат на темата „Иднината на Берлинскиот процес“.

За време на самитот планирана е и средба на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и владината делегација, вклучително и советниците на премиерот за европски прашања и надворешна политика Бојан Маричиќ и Дане Талески, со Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини.

Официјалната програма на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што овој пат се одржува во Лондон, завршува со прием за сите делегации во палатата Сејнт Џејмс, кој ќе го приреди принцот Чарлс.

За време на приемот во палатата Сејнт Џејмс македонската делегација ќе има можност за куса билатерална средба со премиерката Тереза Меј.

За време на самитот е планирано Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев да оствари билатерална средба со премиерот на Хрватска, Пленковиќ.

На маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, премиерот Заев ќе оствари средба со директорот на Службата за национална безбедност, Роберт Чатертон Диксон, како и со членови на Охрид групата, во чија организација е и работниот појадок со 16 политичари, воени претставници и новинари од Обединетото Кралство.

Од Лондон, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, со специјален лет заминува за Брисел каде што ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО.

Календар Влада: 
Monday, July 9, 2018 - 09:45 to Wednesday, July 11, 2018 - 17:45