Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што денеска се одржува во Лондон, имаше средби со претставници на Охридската група, пријатели и поддржувачи на нашата земја, предводени од сер Џорџ Робертсон.
На средбите искусните дипломати и политичари, претставници на повеќе меѓународни организации, го истакнаа исклучителниот напредок на Република Македонија и ја нагласија историската важност за постигнатиот договор со Република Грција кој ги отвори вратите за членство во НАТО и датум за преговори со ЕУ.
Премиерот Заев ги запозна членовите на Охридската група со чекорите што претстојат при имплементацијата на договорот, а особено за референдумот на кој граѓаните треба да го кажат последниот збор и избор за иднината на земјата што ја гарантираат членството во НАТО и стартот на преговорите со Европската Унија.
Соговорниците на работните состаноци се согласија дека од огромна важност е што мнозинството од граѓаните го поддржуваат членството во ЕУ и НАТО и дека тоа е аргумент за оптимистички очекувања за исходот од референдумот.
Претставниците на Охридската група потенцираа дека овој напредок на земјата немаше да биде можен ако не беше храброто лидерство и успешната реализација на реформите.
Лорд Робертсон, поранешниот Генерален секретар на НАТО, информираше на средбите дека сите членови на групата Охрид и пријатели на Република Македонија го поддржале писмото кое во име на групата било испратено до шефовите на државите и на владите на земјите членки на ЕУ и НАТО, за позитивна одлука на Европскиот Совет и за најавеното активирање поканата за членство во НАТО.
На работните средби со премиерот Заев и со дел од владината делегација, претставниците на Охридската група истакнаа дека и понатаму остануваат посветени на поддршката за Република Македонија и уште еднаш потенцираа дека пред земјата е единствена шанса за трајно стабилизирање и за остварување на стратешките цели, членство во ЕУ и НАТО, кои гарантираат економски напредок и демократски институции.