Премиерот Зоран Заев вчера во Владата на Република Македонија се сретна со претставници на повеќе граѓански организации и разговараше за актуелни прашања поврзани со напредокот на Република Македонија, со посебен акцент на структурата на преговорите за пристапување на земјата кон Европската Унија, како и престојниот Референдум.
„Во мое лично име, во име на Владата и Кабинетот, Ве поканувам и Ве повикувам да се вклучите во процесите што претстојат, да ги чуеме Вашите мислења во функција на искористување на сите капацитети по важните аспекти и прашања кои се исправени пред Република Македонија, рече премиерот Заев на денешната средба со претставниците на невладините организации.
Претседателот на Владата на Република Македонија ги информираше присутните за настаните во Лондон и Брисел, каде како што рече, Македонија беше во фокусот на двата Самита и каде сите светски лидери изразија поддршка и заинтересираност да помогнат во одржувањето на успешен Референдум кој ќе ја потврди и определбата на граѓаните за членство во Европската унија и НАТО.
„За референдумот, Владата сака да ги обедини сите сили кои се за влез на Македонија во ЕУ и НАТО, за да им ги доближиме на граѓаните придобивките од членството во овие организации и да ја оствариме иднината која долго ја очекуваме, истакна премиерот Заев.
Истовремено, покрај за Референдумот, премиерот Заев од невладиниот сектор побара поддршка и за Скринингот кој што го врши Европската комисија, со цел да се подготват преговорите за членство и кој претставува аналитичка презентација на состојбата во земјата кандидат во однос на поглавјата од правото на ЕУ.
Тој предложи вклучување на претставниците на граѓанските организации во работните и во преговарачките групи.
„Вие активно учествувате во реформските промени со коишто ја поставивме и ја движиме Република Македонија стабилно на патот на Европската Унија на НАТО и вашето искуство и работа помогнаа кога го создадовме и реформскиот План 3-6-9. И сега исто, ќе ве повикам да продолжиме активно да соработуваме во практикувањето на политиките на Владата, да ја дефинираме структурата и да разговараме за сите области кои се битни во една генерална рамка, со цел да ги оствариме сите подготовки, а кои се однесуваат на документите кои треба да ги усвоиме по одделни поглавја, оцени премиерот Заев.
Премиерот Заев ги информираше присутните за планираната посета на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на 17 јули, додавајќи дека тоа ќе биде почетна точка на Скринингот, со временска рамка до јуни 2019 за подготвување на структурата и темпото на реформите кои ќе овозможат почеток на преговорите на време.
Претставниците на невладиниот сектор на премиерот Заев му упатија честитки за успешно постигнатиот историски договор со Грција, како и отворањето на преговорите за пристапување на Македонија во Европската унија и добивањето покана за НАТО и изразија задоволство од поканата на Премиерот да земат учество во одделни области, во понатамошните процеси за обезбедување на подобра иднина на македонските граѓани.
На вчерашната средба се слушнаа предлози за изнаоѓање начини за поблиско запознавање и доближување на придобивките од ЕУ и НАТО до граѓаните на република Македонија.