Македонија има причина да слави!
Дочекавме големи настани. Ги остваруваме нашите заеднички стратешки цели, нашите заеднички сонови и надежи.
Концертите вечерва се покана за обединување, со сите наши политички разлики, околу остварените стратешки цели на нашата земја – Членството во ЕУ и во НАТО.
Ова се настани што ни се дадени и заслужени и за нешто друго: Да го испратиме во историјата, да го заборавиме еднаш засекогаш синдромот да го порекнуваме успехот на другиот! Зашто секој успех е успех за сите нас. За секој граѓанин.
Зашто тоа што го направи Македонија за само една година е успех на сите нас. Без разлика на политичката определба.
Имаме зошто да славиме и да се издигнеме над делбите.
Сега како никогаш досега да си подадеме рака. Сакам да ги повикам сите граѓани и да им порачам: Денеска силите што не делат – не се толку силни како силите што не обединуваат!
Силите што не обединуваат се датумот за преговори со ЕУ и поканата за членство во НАТО.
Тоа се силите што ни ја отворија иднината.
Ги повикувам сите граѓани, САМИ да си одговорат на прашањето: Каде бевме пред една година, каде сме денес?
Македонија е слободна земја. Секој граѓанин самостојно одлучува и ќе одлучува за својот став. Ја повикувам уште еднаш, и ќе ја повикувам опозицијата отсега натаму секој ден: Ајде да ја избереме македонската иднина! Нашата заедничка иднина. Ајде да престане сеењето омраза.
Да се издигнеме над делбите и разликите.
Заради нас, заради нашата држава, и заради иднината на нашите и на следните генерации.