Започна практичната имплементација на персонална асистенција за лица со попреченост. 92 невработени лица добија сертификати за персонални асистенти на лица со попреченост преку обуката што ја организираше Министерството за труд и социјална политика во соработка со Агенцијата за вработување и Црвениот крст на Македонија.
Владата на Р. Македонија во март годинава ја усвои Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година, чија цел е да придонесе за независно и самостојно живеење на лицата со попреченост, како и за нивно активно и рамноправно учество во заедницата и општеството. Со оваа програма освен што им се помага на лицата со попреченост, се обезбедува и работа за 92 невработени лица.
„Денеска со доделувањето на сертификатите, заокружуваме една многу важна активност. Со воведување на програмата за персоналната асистенција одговараме и ги исполнуваме долгогодишните барања на лицата со попреченост за ваков индивидуализиран тип на сервис. Услугата која ја нудат асистентите ќе биде во делот на извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, помош при образованието и работењето и други активности, кои лице без попреченост вообичаено би ги извршило без ничија помош“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која во владата свечено им ги додели сертификатите на обучените персонални асистенти.
Програмата за која средствата за обука се обезбедени преку активните мерки за вработување, веќе се спроведува во Битола, Струга, Куманово, Неготино, Гостивар, Струмица и Скопје, а услугата е понудена на сите лица со попреченост кои се пријавија.
Обучените перонални асистети ќе бидат пионерите кои треба да го пренесат искуството на целата територија на државата, со што ќе се изгради пракса во испораката на перосналната асистенција, која понатаму ќе стане и дел од новиот закон за социјална заштита.
Министерството за труд и социјална политика ќе прави напори идната година да ја развие и услугата за помош и нега во домот, која недостасува во моментот, а која исто така ќе помогне во поддршката пред се на биолошките семејства кои се грижат за деца/лица со попреченост.