Учество на претставници од Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам на првата конференција на ООН за високи претставници на земјите членки за борба против тероризам

Националниот координатор, Борче Петревски, и заменик Националниот координатор, Златко Апостолоски, од Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам ја претставуваа Република Македонија на првата конференција на Организацијата на обединетите нации (ООН) за високи претставници на земјите членки на ООН за борба против тероризам на 28-29.06.2018 во Њујорк, САД. За време на конференцијата Националниот координатор се обрати во салата на Генералното собрание за време на третата сесија на која главна тема на дискусија беше зајакнување на меѓународните активности за превенирање на насилен екстремизам со вклучување на младите и спречување на злоуботреба на нови технологии и интернетот од страна на терористи. Во својот говор, Националниот координатор ја истакна важноста на сеопфен инстутиционален и општествен одговор во спречувањето на насилниот екстремизам. Дополнително,  ја нагласи потребата за вклученоста на организациите од граѓанското општество и улогата на образованието во разните аспекти на превенирање на радикализација и екстремизам.

На маргините на конференцијата, остварени беа билатерални состаноци со претставници на делегациите на САД и Бугарија, и претставници на невладини организации кои работат во полето на превенирање и спречување на насилен екстремизам. 

Исто така, остварени беа и средби со претставници на Бирото за борба против тероризам при Стејт Департментот на САД во Вашингтон. Теми на дискусија за време на состаноците беа активностите и мерките кои ги има преземено Владата на Република Македонија и Националниот комитет во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот и билатерална соработка помеѓу Република Македонија и САД во справувањето со двете негативни општествени појави.


Изјава на м-р Борче Петревски, Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам во Владата на Република Македонија

Њујорк, Петок, 29 јуни 2018

 

Генерален Секретар на Обединетите Нации,
Заменик Генерален Секретар на Канцеларијата на ОН за борба против тероризам,
Ваши Екселенции,
Претставници на земји членки на ОН,
Членови на граѓански организации,
Учесници на Конференцијата,

Ми претставува чест и привилегија да имам можност да зборувам пред вас денес, и да дискутирам за глобалната закана од насилниот екстремизам и тероризам. Моето име е Борче Петревски, Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам од Република Македонија. Го водам Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризам, кое е владино тело формирано на 1 јули, 2017, со координативни и советодавни надлежности. Целта на комитетот е да се намали заканата од тероризам, да не се нанесе штета, туку да се зајакнат државните вредности и човекови права, преку сеопфатен владин и општествен пристап. 

Како и другите земји членки на ОН, нашата Влада ја препозна важноста на спречувањето и борбата против насилниот екстремизам кој може да доведе до тероризам. Затоа, Владата го формираше Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, кој брои членови од 22 министерства и институции. Ова тело ги подготви националните стратегии и акциониот план за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, кои се базираат на четири столба од Глобалната стратегија на ОН и Стратегијата на ЕУ за борба против тероризам. Стратешките документи беа усвоени од нашата Влада во март оваа година и сега сме во процес на координирање на имплементацијата на активностите и мерките опфатени во двата акциони планови. 
 
Има две работи кои сакам да ги нагласам во мојот говор кои се поврзани со темата на оваа седница – спречувањето на насилен екстремизам. Првин, би сакал да ја истакнам важноста на граѓанските организации околу прашањата поврзани со спречувањето и борбата против насилниот екстремизам. Нашата Влада ја охрабрува инволвираноста на чинителите од граѓанското општество во секој сегмент од процесите за спречување и борба против насилниот екстремизам. Имено, за време на подготвувањето на Националната стратегија и Акциониот план за борба против насилниот екстремизам, Националниот комитет ги покани сите групи од граѓанското општество да придонесат со својата експертиза преку јавни консултации. Претставниците кои беа вклучени беа, меѓу другото, од невладини организации, тинк-тенк организации, верски и локални заедници, младински организации, училишта и организации на жени. Ние продолжуваме на дневна база да се координираме, да соработуваме и комуницираме со нив и да ги инволвираме во активностите кои ги спроведуваме. На пример, одржуваме состаноци со лидери на верски заедници и групи, активно учествуваме во проекти кои се отпочнати од невладини организации, и каниме претставници на групи на граѓански општества на работилници и обуки поврзани со борба против насилниот екстремизам.   

Второ, Националниот комитет, во смисла на спречување и борба против насилниот екстремизам го има како приоритет ставено ангажманот на младите. Нашето тело брои и претставници од Министерството за образование и наука, Агенцијата за млади и спорт, кои се две водечки институции инволвирани во активности со младинската таргет група. Важно е тие да се инволвирани во решавање на прашањата поврзани со спречување и борба против насилниот екстремизам затоа што нивните вработени се на линијата на фронтот кога се работи за борба против радикализација и насилен екстремизам. Нивната улога е да идентификуваат рани знаци на радикализација во училиштата, да организираат слободни активности за ученици од основните и средните училишта со цел да спречат учениците да не бидат вовлечени во сомнителни групи, да воспостават и да го зацврстат мостот меѓу училиштата и семејствата. 

Сметаме дека овие две прашања се неотуѓиви и клучни во постигнување на нашите заеднички цели. 

Ви благодарам за вашето внимание и со нетрпение очекувам овие прашања да ги дискутираме за време на Конференцијата.